Американски хирурзи успешно пресадиле свински бубрег на човек

Фотографија од трансплантацијата извршена на 16 март во Општата болница во Бостон, Масачусетс

Општата болница во Бостон, во американската сојузна држава Масачусетс, соопшти дека извеле операција во која за прв пат генетски модифициран свински бубрег бил трансплантиран на жив човек.

Експерименталната трансплантација била извршена во саботата во болница во Бостон.

„Четиричасовната операција, извршена на 16 март, означува голема пресвртница во потрагата за обезбедување подостапни органи за пациентите“, се вели во соопштението на болницата.

Пациентот, Ричард Слејман од Вејмут, Масачусетс, добро закрепнува и се очекува наскоро да биде отпуштен, изјавија лекарите во четвртокот.

Претходно, свинските бубрези беа привремено трансплантирани на пациенти без мозочни функции. Исто така, двајца мажи добиле трансплантација на свинско срце, но и двајцата умреле за неколку месеци.