Борел - Лидерите на ЕУ ќе повикаат на одржлив прекин на огнот во Газа

Belgium EU US Energy

Лидерите на Европската унија (ЕУ) на самитот на 21 март во Брисел ќе повикаат на одржлив прекин на огнот во Газа, изјави високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.

„Денес Советот оди многу подалеку од претходните месеци, барајќи одржлив прекин на огнот, секако барајќи слобода на заложниците, но покажувајќи силна загриженост за ситуацијата на луѓето во Газа, што е неприфатливо“, рече Борел денеска пред почетокот на дводневниот самит.

Борел го повика Израел да обезбеди поголема помош да стигне до Газа и рече дека се надева оти лидерите на ЕУ ќе го сторат истото.

„Луѓето во Газа гладуваат. Затоа се надевам дека Советот ќе испрати силна порака до Израел, ќе престане со блокадата, ќе престане да спречува храната да доаѓа во Газа и ќе се грижи за цивилите“, рече тој.

Видете и ова: САД со нацрт-резолуција во ОН со која се бара итен прекин на огнот во Газа

Борел додаде дека Израел „има право да брани, но не и да се осветува“.

Израел ја нападна Газа по смртоносниот напад на 7 октомври 2023 година на милитантите на Хамас - кој е означен како терористичка група од САД и ЕУ, во кој беа убиени околу 1.200 луѓе во јужен Израел, а 253 лица, според израелските тврдења, беа земени како заложници.

Во меѓувреме, Обединетите нации предупредија дека 2,4 милиони жители на Газа се на работ на глад.