Десетици училишта во Франција добија заканувачки пораки

Илустративна фотографија - полиција во Париз.

Најмалку 30 училишта во парискиот регион добија заканувачки пораки придружени со „шокантни“ снимки од обезглавувања оваа недела, соопшти француското Министерство за образование на 21 март.

Образовните институции - главно средните училишта - добија „сериозни закани“ кои содржат „оправдување и поттикнување тероризам“, изјави за АФП претставник на Министерството за образование.

Пораките дојдоа преку дигиталната платформа ORL која служи како врска помеѓу наставниците, учениците и родителите, внатрешната е-пошта или софтверот што го користи Министерството за образование.

Инспекторите работат на „идентификување на сторителите“, соопшти Министерството, додавајќи дека им била пружена психолошка поддршка на децата или возрасните кои ги гледале „шокантните видеа“.

Видете и ова:

Европа предупредува на нови терористички закани

Според полициски извори, најмалку пет средни училишта во одделот Ивелин, западно од регионот на Голем Париз, добиле закани за бомби меѓу средата и четвртокот.

Сторителите „ја хакирале адресата на е-пошта на учениците“ за да ја дистрибуираат пораката и видеото од обезглавувањето, рекол изворот.

Во облстите Сена и Марн, источно од француската престолнина, средно училиште добило порака дека во објектот бил скриен експлозив „во името на Алах“, изјави полициски извор.

Најновите закани следат по низа лажни предупредувања за бомби насочени кон училиштата, аеродромите и туристичките места во есента 2023 година.

Во октомври, радикализиран исламист избоде до смрт поранешен учител во северниот град Арас.

Премиерот Габриел Атал денеска треба да претседава со состанокот за безбедноста на училиштата.