Црна Гора и го екстрадира „кралот на криптовалутите“ на Јужна Кореја

До Квон, јужнокорејски крипто бегалец обвинет за фалсификат во Црна Гора

Јужнокорејскиот државјанин До Квон ќе биде екстрадиран во Јужна Кореја, а не во Соединетите Американски Држави (САД) - ова е последниот епилог од едногодишниот процес пред црногорските судови кои одлучуваа за екстрадиција.

Последната пресуда на Апелациониот суд на 20 март ја потврди претходната одлука на Високиот суд за екстрадиција на До Квон во Сеул.

Тој беше баран од САД и Јужна Кореја за финансиска измама со криптовалути.

Тој и неговиот деловен партнер Чанг Јун беа уапсени во Црна Гора на 23 март 2023 година кога се обиделе да отпатуваат за Дубаи со приватен лет користејќи фалсификувани пасоши.

До Квон издржува четиримесечна казна, на која беше осуден во Црна Гора за фалсификување пасош, која завршува на 23 март. По тој датум тој може да биде екстрадиран.

Видете и ова: Одобрена екстрадиција на „кралот на криптовалутите“, баран од Јужна Кореја и САД

Како што објасни неговиот адвокат Горан Родиќ за Радио Слободна Европа (РСЕ), сега е во тек втората фаза од постапката за екстрадиција, каде што министерствата за правда и полиција на Црна Гора и Јужна Кореја преговараат за датумот и условите за предавање на До Квон.

„Задоволни сме од одлуката на Апелација, која покажа дека се почитува правната држава, за разлика од другите државни органи и институции кои учествуваа во оваа екстрадициона постапка“, изјавија бранителите Родиќ и Марија Радуловиќ.

До Квон претпочиташе да биде екстрадиран во неговата матична земја.

Минатиот месец и Чанг Јун беше екстрадиран во Јужна Кореја.
Јужнокорејските власти го обвинија До Квон за измама и кршење на законите за пазарот на капитал, а Комисијата за хартии од вредност на САД за организирање на измама со крипто-средства од хартии од вредност од повеќе милијарди долари.

Судењето за тужбата на американската Комисија треба да започне на 25 март.