Пресметка за семејство од двајца родители и две деца, кои живеат во сопствен стан од околу 60 квадрати е дека се потребни минимум 58.998 денари. Денеска Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) ја објави мартовската минимална синдикална кошница.
Најголем дел од трошоците отпаѓаат за храна и пијалоци – 22.681 денар, потоа за образование – 7.022 денари, станарина, вода, електрична енергија и греење – 6.014 денари, како и 4.945 денари за транспорт.
Поделено по ставки, 4.378 денари отпаѓаат за рекреација и култура, а 3.738 денари за ресторани и хотели и слично.
За комуникации отпаѓаат 2.473 денари, за лична хигиена и оддржување на хигиена во домот 1.788 денари, додека за здравје – 1.081 денар и 950 денари за останати стоки и услуги.
„Поконкретно во месец март 2024 година, каде што зголемувањето е најизразено кај делот со храната и пијалоците, што е резултат дека трговците не го послушаа апелот на ССМ и неосновано само во интерес на зголемување на својот профит енормно ги зголемија цените на прехранбените производи што резултира со нефер практики на трговците, и доведува до осиромашување на работниците и граѓаните, а по прекинување на мерката на замрзнати цени“, велат од ССМ.
Со изнајмен стан од 60 квадрати за март, минималната кошница изнесувала 74.373 денари. Вредноста на минималната сидикална кошница, од ССМ велат дека е во постојан пораст од почетокот на годината.