Група земји-членки на Европската унија, меѓу кои и Германија, бараат зелено светло за отворање преговори за членство на Босна и Херцеговина во ЕУ пред самитот во Брисел. Од друга страна, како што пренесува АФП, се чини дека другите земји како Франција се двоумат околу продолжување на процесот.
Самитот на земјите-членки на Европската унија започнува на 21 март, а на него, меѓу другото, треба да биде соопштен и официјалниот став за отворањето на пристапните преговори на БиХ во ЕУ.
Сите земји-членки мора да го одобрат отворањето на преговорите за тие да започнат.
„Видовме јасен напредок во однос на реформите во Босна и Херцеговина во изминатите неколку месеци и исто така треба да го почитуваме тоа“, рече германската министерка за европски прашања Ана Лурман на состанокот во Брисел.
Руската инвазија на Украина повторно ги разгори напорите на Европската унија за проширување, а во декември минатата година земјите-членки се согласија да започнат пристапни преговори со Украина и Молдавија.
Босна и Херцеговина официјално е кандидат за членство од 2022 година.
Мислењето на Европската комисија (Авис) беше примено во мај 2019 година и во него се дефинирани 14 приоритети поделени во четири области: Демократија и функционирање на институциите, владеење на правото, фундаментални права и реформа на јавната администрација. БиХ треба да ги исполни овие работи за да започне преговори за полноправно членство.
Видете и ова: Фон дер Лајен потврди: ЕК ќе препорача отворање на пристапните преговори со Босна и ХерцеговинаВо декември 2023 година, лидерите на ЕУ изразија подготвеност да ги отворат пристапните преговори со БиХ и ја повикаа Комисијата во март да објави извештај за степенот на исполнување на клучните критериуми, што ќе биде основа за одлуката на лидерите на ЕУ.
Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, претходно во март потврди дека оваа институција ќе препорача отворање на пристапните преговори за Босна и Херцеговина.
Притисокот за приближување на Босна до ЕУ е поддржан од голем број земји, вклучувајќи ги Австрија, Италија и Грција.
Но, некои, вклучувајќи ги Франција, Холандија и Данска, се поскептични.
Францускиот министер за Европа Жан-Ноел Баро рече дека Париз, откако БиХ станала кандидат, ги гледа нивните напори како „премногу ограничени“.
„Мораме да продолжиме да ги охрабруваме лидерите на Босна и Херцеговина да вложат напори за постигнување на поставените цели“, рече тој на средбата во Брисел.
Ако Босна и Херцеговина добие зелено светло на 21 март, ќе се соочи со реформски процес кој обично трае со години пред земјата конечно да се приклучи во ЕУ.