Израелската армија ослободи неколку новинари приведени во болницата Ал-Шифа во Газа

илустрација

По дванаесет часа, израелската армија ослободила неколку новинари кои биле приведени во болницата Ал-Шифа во северниот дел на Појасот Газа.

Канцеларијата за информирање за затворениците соопшти дека помеѓу ослободените новинари е и дописникот на Ал Џезира, Исмаил Ал-Гул. Но, во соопштението не е прецизиран бројот на ослободени новинари.

При рацијата на израелските војници во болницата Ал-Шифа запленети се телефони, компјутери и опрема за снимање.

„Окупаторските сили ни ставија лисици на рацете во болницата Шифа, ни ги врзаа очите, не испрашуваа и ја уништија содржината“, рече Гул.

Видете и ова: Израелските сили спроведуваат операција во областа на болницата „Ал Шифа“ во Газа

Израелската армија објави дека „ќе продолжи операцијата во болницата Шифа во Газа“.

„Според информациите добиени од Агенцијата за внатрешна безбедност Шин-Бет (Шабак) и Воената разузнавачка единица (Аман), членовите на Хамас, вклучително и теренските команданти, се кријат во болницата и ја користат како оперативен простор од каде ќе управуваат со терористичките операции и судири“, изјави портпаролот на израелската армија Даниел Хагари и додаде дека Армијата ќе ја продолжи работата во болницата.