ЕУ ќе воведе царини за увоз на руско и белоруско жито

илустрација

Европската Унија (ЕУ) се подготвува да воведе царини за увоз на жито од Русија и Белорусија за да ги смири земјоделците и некои земји-членки, објави во вторник (18 март) „Фајненшл тајмс“, повикувајќи се на извори запознаени со планот.

Се очекува Европската Комисија во наредните денови да воведе царина од 95 евра за тон за житариците од Русија и Белорусија и предвидува дека царини од 50 отсто ќе бидат воведени и за маслодајните семиња и нивните производи.

Одлуката се очекува бидејќи земјоделците ширум ЕУ бараат промени во ограничувањата што им беа ставени во рамките на Зелениот план за справување со климатските промени и повторно воведување тарифи за увоз на земјоделски производи од Украина кои беа укинати по руската инвазија во 2022 година.

Како и голем дел од Европа, Полска, исто така, беше зафатена од протести во последните недели.

Видете и ова: Украина планира да ги тужи Полска, Унгарија и Словачка поради забраната за увоз на производи

По разговорите со полскиот премиер Доналд Туск минатата недела, полските земјоделски организации најавија дополнителни протести на 20 март против земјоделската политика на ЕУ и увозот на земјоделски производи од Украина.

Земјоделците сакаат да спречат поевтино украинско жито да влезе на полскиот пазар.

Со Зелениот план, ЕУ има за цел да биде климатски неутрална до 2050 година. Стратегијата вклучува мерки во различни области како што се енергетиката, транспортот, индустријата и земјоделството.