На 18 март, во Високиот суд во Ниш, на југот на Србија, започна новото судење против поранешниот украински разузнавач Андриј Наумов под обвинение за перење пари.
Апелациониот суд на крајот на јануари ја укина првостепената пресуда, со која Наумов беше осуден на една година затвор, и наложи повторно судење.
На подготвителното рочиште за новото судење на 18 март биле договорени деталите за натамошниот тек на судењето, јави репортерот на Радио Слободна Европа кој го следеше рочиштето.
Во својот исказ по обвинителниот акт, Андриј Наумов се изјасни за невин за кривичното дело перење пари што му се става на товар, но ги потврди наводите во обвинителниот акт дека во моментот на апсењето имал поголема сума пари од дозволената.
Одбраната тврди дека во овој случај нема елементи на кривичното дело перење пари, но евентуално може да се работи за „девизно дело“. Во тој случај, како што изјави за РСЕ еден од правните застапници на Наумов, Едвин Прелиќ, Наумов може да одговара по прекршочна, а не кривична пријава.
Обвинителството на рочиштето достави нови докази за наводно фалсификување документ со кој се потврдува дека речиси 530.000 евра, пронајдени при претресот на автомобилот на Андриј Наумов на граничниот премин меѓу Србија и Северна Македонија во јуни 2022 година, таткото на Андриј, Олег, ги позајмил од деловен партнер Вадим Фридман. Одбраната се спротивстави на внесувањето на овој доказ во постапката, тврдејќи дека се работи за „политички прогон од државата Украина против Наумов“.
Видете и ова:
Новите предизвици за Русија и светот во петтиот мандат на ПутинПаралелно со постапката по обвинение за перење пари, во Србија се водеа и постапки по барање на Украина за екстрадиција на Наумов поради истрага за злоупотреба на службената положба.
Во септември 2023 година, Србија го одби барањето на Украина поради, како што е наведено, можен политички прогон доколку тој се врати таму. Наумов се спротивстави и на екстрадицијата, тврдејќи дека ќе биде загрозена неговата безбедност.
Украинскиот државјанин Андриј Наумов на 07.06.2022 година беше уапсен од српската полиција заедно со германскиот државјанин Александар Акст. При претресот во автомобилот биле пронајдени неколку стотици илјади евра и долари, како и два смарагди. Полицијата тогаш соопшти дека постои сомневање дека парите и смарагдите „потекнуваат од криминални активности“.
Наумов е на слобода и ја чека конечната пресуда по обвинението за перење пари во Србија, откако во декември 2023 година му беше укинат притворот и му беше одземена патната исправа за да не може да ја напушти Србија.
Поранешниот бригаден генерал Андриј Наумов почна да работи во Службата за безбедност на Украина (СБУ) во 2019 година. Тој беше отпуштен од служба на крајот на јули 2021 година.
Извесен период ја извршуваше функцијата началник на Главната управа за внатрешна безбедност, каде што доби нови, поголеми овластувања и влијание во службата.
Пред да влезе во СБУ, Наумов работеше во Државната агенција за управување со зона на исклучената нуклеарна централа Чернобил. Тој беше одговорен за управување со економскиот комплекс на зоната на исклучување, како и за комуникација со јавноста за статусот на радијација.
Пред нуклеарната централа, 12 години работел во Обвинителството како виш помошник на заменик-главниот обвинител, а потоа и како виш обвинител.
Поранешниот разузнавач беше во фокусот на новинарските истраги поврзани со корупција, шверц на пари и други вредни предмети во странство. Во октомври 2020 година, новинарите на „Шема“, проект на украинскиот сервис РСЕ – Радио Свобода, го открија елитниот недвижен имот на Наумов, кој не соодветствува со пријавените приходи на државниот службеник.