Османи: Постигната е согласност за дел од американскиот предлог за динарот

Вјоса Османи

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, порача дека прашањето за српскиот динар во Косово мора итно да се реши и дека веќе има договор за дел од американскиот предлог за тоа прашање.

Од 1 февруари, Централната банка на Косово (ЦБК) почна да применува нова регулатива, со која се утврдува дека еврото е единствената валута што се користи за плаќање во готовина, со што динарот е исклучен од таквата употреба.

Според претседателката на Косово, би било идеално да се постигне договор во Брисел на 19 март во рамките на дијалогот меѓу Косово и Србија, на ниво на главните преговарачи.

Американскиот заменик-помошник државен секретар Габриел Ескобар на 15 март во интервју за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека не успеал да го убеди косовскиот премиер Аљбин Курти да ја суспендира одлуката за забрана на српската валута во Косово додека Европската унија (ЕУ), САД и Владата на Косово не наоѓаат долгорочно решение, како што е електронскиот трансфер на евра преку косовскиот систем.

Османи изјави и дека е многу позитивно „што меѓународната заедница на чело со САД се согласува динарот да не биде во оптек во Косово“.

Видете и ова: Борел: Време е Косово и Србија да влезат во нова ера со спроведување на договорот од Охрид

„Со нивна помош успеавме да обезбедиме отсега тие дознаки, таа финансиска помош што доаѓа од Србија, да пристигнува во евра, а не во динари и верувам дека со тоа се решаваат голем дел од проблемите со кои се соочувавме во минатото“, рече Османи на прес-конференција при посетата на Липљан.

Кога станува збор за вториот дел од предлогот, таа рече дека косовските власти разгледуваат начини да обезбедат помошта од Србија за српската заедница на Косово „да не оди во рацете на лица кои злоупотребувале, корумпирани и земале пари можеби во име на граѓаните, но ги искористија за организиран криминал“.

„За тој дел се прави план во кој ќе бидат вклучени и косовските власти“, изјави косовскиот претседател.

Османи рече дека има надеж дека многу брзо ќе се постигне договор за втората точка.
„Итно е да се реши ова прашање, бидејќи не само што им помага на граѓаните да надминат некои од предизвиците со кои се соочуваат, туку во исто време, да бидам искрена, Косово има поголеми проблеми, вклучително и други безбедносни проблеми“, рече таа.

Османи, особено споменувајќи ја потребата од обезбедување на границата со Србија, која, според неа, „постојано разгледува начини за напад на Косово“.

Американските функционери во последните денови неколку пати повторија дека имаат проблеми во комуникацијата со Владата на Косово, поради некоординација.

За партнерството со САД

На прашањето за пристапот на Владата на Косово кон САД, Османи рече дека нејзиниот пристап како претседатекал може да го презентира само со сите институции во државата, како и со меѓународните партнери.

„Република Косово е земја која е создадена како резултат на жртвата на народот на Косово, нашата ослободителна војна, долгорочниот отпор и историската поддршка што ја добивме од нашите сојузници... Никогаш не смееме да го заборавиме ова, затоа што тоа не беше еднократна поддршка, односно само во 1999 година, туку секој чекор напред што го правеше Косово го правеше заедно со евроатлантските сојузници“, рече Османи.

Таа додаде дека Косово секогаш правело големи и добри работи со своите сојузници и дека таквиот пристап треба да продолжи.

Видете и ова: Ескобар за РСЕ – Курти го одби предлогот за динарите

Меѓународната заедница жестоко реагираше на одлуката на Косово да престане да го користи динарот како средство за готовинско плаќање, велејќи дека е потребен јасен план кој нема да ѝ наштети на српската заедница и дека рокот за негово спроведување е прекраток.

Србија наведува дека на Србите на Косово им дава помош од милиони евра и им исплаќа плати, пензии и дополнителна помош во сопствена валута, динари.

За Охридскиот договор

На прес-конференцијата Османи беше прашана и за неспроведувањето на договорот меѓу Косово и Србија постигнат пред една година во Охрид, Северна Македонија. Партиите го договорија анексот за имплементација на Договорот за нормализирање на односите, кој страните го договорија во февруари истата година.

Османи рече дека е потребно да се анализираат постапките на партиите на терен, „за да се дојде до целосно објективен заклучок“.

„Србија го прекрши овој договор десетици пати, со кој јасно се упатува да не го нарушува територијалниот интегритет на Косово, да го признае меѓународниот субјективитет и принципот на еднаквост на партиите, да не гласа против членството на Косово во меѓународните организации, да не користи насилство во меѓудржавни односи и многу, многу други принципи“, рече претседателката на Косово.

Таа рече дека сега во Брисел се прави план за имплементација на договорот, бидејќи досега немало целосен договор меѓу страните, а и самата како претседателка не се согласувала со планот што го презентирале функционери во Брисел, бидејќи, според неа, било недозволиво Србија да има корист на почетокот од спроведувањето на планот, а Косово на крајот.

Видете и ова: Вучиќ: Повеќе нема „свршен чин“ за Белград во преговорите со Приштина

„Барам еднаков третман на страните, планот за последователна имплементација да води сметка и Косово и Србија да ги спроведуваат своите обврски паралелно, а не едната страна прво да ги добие сите придобивки, а потоа да размислува за Косово. на самиот крај“, рече Османи.

Косово и Србија се во дијалог во Брисел - со посредство на европскиот блок - од 2011 година. Партиите постигнаа многу договори, но не сите се спроведени.

Шефот на европската дипломатија, Жозеп Борел, во понеделникот повтори дека ќе се изврши меѓународен притисок врз двете земји за спроведување на досега постигнатите договори.