Вработените во Пошта бараат редовни плати и реорганизација на компанијата

Македонски пошти

Синдикалните организации на Национална пошта денеска(18 март) ја повикаа Владата да се задолжи за обезбедување финансиски средства за редовна исплата на плата, како и преземање на итни мерки за реформирање и реорганизирање на компанијата.

„Повеќе пати разговаравме со новиот директор, но не добивме конкретен одговор кога ќе има исплата на плата. Сведоци сме дека денеска нема плата за работниците, а законскиот рок е до 15-ти во месецот. Моментално се 1800 вработени и околу 200 поштари на договор. Исто така бараме и да се реши статусот на поштарите кои работат за минимална плата и без здравствено осигурување“, изјави претседателот на Синдикатот на пошта, Боро Велигденов.

Велигденов вели дека има недостиг на работници во технолошки процес – поштари, шалтери и работници, но затоа, има преполни работни места во администрацијата и шефовските позиции.

„Имате еден шеф на еден работник“, рече тој.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Поштарот сѐ поретко ѕвони, ниските плати ги избркаа поштарите

Велигденов додава дека 80% од вработените се на минимална плата.

Од Синдикатот велат дека после 15 години, дури сега добиле зимски униформи за поштарите. За летните униформи сè уште не се знае дали и кога би биле доставени.

Долгогодишните барања на вработените и синдикатите се изготвување на нова систематизација, нов колективен договор, реорганизација, технолошка модернизација, како и измени во Законот за поштенски услуги.

Доколку не се исполнат барањата на вработените, од Синдикатот најавуваат дека протестот ќе продолжи понатаму, а Синдикалните организации ќе отпочнат и постапка за организација на штрајк.