Израелските сили спроведуваат операција во областа на болницата „Ал Шифа“ во Газа

илустрација

Израелската армија денеска (18 март) соопшти дека повторно распоредува војници во областа на болницата „Ал Шифа“ во градот Газа, јави ДПА.

Во тек е „прецизна операција“ во областа на болницата „Ал Шифа“, објавија израелските одбранбени сили (ИДФ) во објава на Телеграм рано утрово.

Израелската армија соопшти дека разузнавачките служби укажале дека високи членови на палестинската група Хамас ја користат тешко оштетената болница „за спроведување и промовирање терористички активности“. ЕУ и САД ја прогласија Хамас за терористичка организација.

Пред почетокот на операцијата, војниците добија „инструкции за важноста на мерките на претпазливост, како и за мерките што треба да се преземат за да се избегне штета на пациентите, цивилите, медицинскиот персонал и медицинската опрема“, соопшти израелската армија.

Видете и ова: Нетанјаху вели дека ќе ја продолжи воената кампања против Хамас во Газа

Од пациентите и медицинскиот персонал не се бара да ја напуштат болницата. Војската соопшти дека „ќе продолжи да дејствува во согласност со меѓународното право и против Хамас, „која работи од болници и цивилна инфраструктура на систематски и циничен начин“.

Американската влада, исто така, го поддржа тврдењето на Израел дека Хамас ја користел најголемата болница во Појасот Газа како команден центар и складиште за оружје.

Израелската војска упадна во болницата „Ал Шифа“ во средината на ноември и покрај широките меѓународни критики. Израелската армија соопшти дека таму откриле комплекс од тунели на Хамас.