Вучиќ: Повеќе нема „свршен чин“ за Белград во преговорите со Приштина

Александар Вучиќ -претсдател на Република Србија

Српскиот претседател Александар Вучиќ најави дека ќе има промени „во доктрината и пристапите“ за продолжување на дијалогот со Приштина, што, како што рече, значи дека повеќе нема да биде можно Белград да се става пред свршен чин, пренесува агенцијата Бета.

Вучиќ рече дека Белград останува отворен за дијалог, но дека разговорите ќе ги води на „поинаков начин“.

Минатата година Србија и Косово го прифатија договорот за нормализација на односите на предлог на Европската унија и Анекс документот за негова имплементација.

Тој договор, меѓу другото, предвидува и воспоставување на одредено ниво на самоуправување за Србите на Косово, односно формирање Заедница на општини со српско мнозинство.

Видете и ова: Ескобар за РСЕ – Курти го одби предлогот за динарите

Тензиите меѓу Косово и Србија се зголемија од 1 февруари, кога почна да се применува декретот на Централната банка на Косово (ЦБК), со кој се предвидува дека еврото ќе биде единствената валута за готовинско плаќање, со која се забранува употреба на српскиот динар.

Припадниците на српската заедница во Косово добиваат различни приходи од српскиот буџет во динари, а меѓународната заедница предупреди дека одлуката на Косово да го укине може да ги зголеми етничките тензии.
Европската унија бара ова прашање да се реши со дијалог, додека Косово наведува дека указот на ЦБК не е предмет на дијалог.

САД бараат од Косово да го одложи спроведувањето на оваа одлука и наведуваат дека таа е донесена без претходна консултација и дека не ги земала предвид негативните влијанија врз српското население на Косово.

„Кога некој ќе ве изневери еднаш, тоа им се случува на добрите луѓе затоа што му верувале на некого на неговиот збор или потпис. Кога ќе ве изневери по втор пат, можеби премногу сте верувале или сте сакале да верувате. Ако тоа продолжи, тоа не говори за личноста која те изневерила, туку дека вие сте будала. Ние веќе не сме такви будали“, им рекол Вучиќ на новинарите во Белград.

Тој рече и дека е можно „Белград во одреден момент да мора да прифати нешто насилно, но тогаш ќе биде јасно дека тоа е направено без договор“.