Во самоубиствен напад на пакистанска воена база загинаа неколку припадници на безбедносните сили

Пакистан, илустрација

Пакистанските власти соопштија дека најмалку пет припадници на безбедносните сили биле убиени, а 17 други биле ранети кога напаѓачите самоубијци нападнале воена база во близина на границата со Авганистан утрото на 16 март, користејќи возило натоварено со експлозив.

Нападот во нестабилната област Северен Вазиристан беше извршен од шест напаѓачи, се вели во соопштението на медиумското крило на пакистанската војска. Армијата не го наведе името на милитантната група зад нападот.

Официјални лица за РСЕ рекоа дека милитантите пукале и врз безбедносните сили стационирани во пунктот во областа Мир Али.

Видете и ова:

Шехбаз Шариф е новиот премиер на Пакистан

Споменатите бројки на жртви се очекува да се зголемат бидејќи пукањето меѓу милитантите и безбедносните сили продолжило со „снајперисти кои пукаа од покривите на околните куќи“.

Жителите на Вазиристан во пакистанската провинција Хајбер Пахтунхва изјавија дека експлозијата ги затресла вратите и ги оштетила прозорците околу 6.15 часот по локално време.

Милитантите поврзани со Хафиз Ѓул – водачот на пакистанската талибанска фракција со седиште во областа ја презедоа одговорноста за бомбашкиот напад.

Северен Вазиристан долго време е жариште на милитанти кои дејствуваат од двете страни на границата. Пакистанските власти велат дека нападите се зголемиле во последниве месеци, за многу од нив одговорноста ја презеле пакистанските талибанци (ТТП).

Откако авганистанските талибанци се вратија на власт по повлекувањето на силите предводени од САД од земјата зафатена од војна, многу членови на ТТП, наводно, пронашле засолништа во Авганистан, користејќи ја земјата за почести напади врз пакистанските војници и цивили. Тоа ги наруши односите меѓу Исламабад и владата во Кабул предводена од Талибанците, која негира дека дозволува Авганистан да се користи од милитантите.

Пакистанските воени претставници тврдат дека нивните операции за чистење во Северен Вазиристан ја исчистиле областа од талибанските борци и другите милитантни групи.