Комисијата за заразни болести денеска треба да одржи седница во 12 часот, а според она што вчера го најави министерот за здравство во техничката Влада, Илир Демири ќе биде појасно дали забраната за прием на невакцинирани деца со ДиТеПер, важи за оние кои не се вакцинирани или и за оние кои не ја примиле ревакцината.
Од понеделникот (11 март), Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) почна со вонредни инспекциски надзори и издавање решенија за забрана на прием на деца во градинките кои не се имунизирани со вакцината ДТП откако Министерството за здравство ги прифати препораките од последната седница на Комисијата за заразни болести.
Директорката на ДСЗИ Рената Младеновска во понеделникот информираше дека скоро 50 отсто од децата во градинките во Скопје се невакцинирани или се делумно вакцинирани против пертусис, а во внатрешноста над 95 отсто се вакцинирани.
Видете и ова: Големата кашлица се шири - вакцинацијата долг процес и за оние кои сакаат да ги вакцинираат децатаФактот што околу 50 отсто од децата се невакцинирани или нецелосно е поразувачки, оцени Младеновска.
Според последниот извештај на Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од 1 до 7 март пријавени се 50 нови случаи на голема кашлица. Најголем дел од случаите се во Скопје - 43, а пријавени се и три случаи во Тетово и по еден во Кочани, Кавадарци, Куманово и во Битола. Од новите 50 случаи, пет се хоспитализирани. Станува збор за четири деца на возраст под една година и едно од возрасната група од една до четири години.
Заклучно со 7 март, во Република Северна Македонија се регистрирани вкупно 173 случаи на голема кашлица. По однос на место на живеење, најголем број лица од нив живеат во Скопје, односно 151.