Триесетина последователни потреси, по силниот земјотрес во БиХ, Црна Гора и Хрватска

илустрација

Во Црна Гора, по силниот земјотрес што се случи утринава кај Никшиќ, регистрирани се 30 послаби земјотреси од 3,5 до еден степен според Рихтеровата скала, изјави раководителката на Одделението за анализа и обработка на податоци при Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија, Милена Томановиќ.

Таа рече дека земјотресот со јачина од 5,3 степени, чиј епицентар бил на пет километри од местото Чараѓе кај Никшиќ, можел да предизвика штети во епицентралното подрачје.

„Ова е земјотрес што се случи во пограничното подрачје на Црна Гора и Босна и Херцеговина, тоа е сеизмогената зона Билеќа и Пива“, рече Томановиќ на прес-конференција.

Според неа, очекувано е ваков вид земјотрес со јачина од 5,3 степени да се почувствува и на поширокото подрачје.

Инаку силен земјотрес со јачина од 5,7 степени според Рихтеровата скала утрово (14 март) во 4 часот и 6 минути го погоди западниот дел на Црна Гора, пограничната област со Босна и Херцеговина.

Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMCS) соопшти дека епицентарот бил на длабочина од десет километри, на 32 километри северозападно од Никшиќ.

Одделот за сеизмологија на Институтот за хидрометеорологија и сеизмологија на Црна Гора наведува дека регистрирал земјотрес со јачина од 5,4 степени според Рихтеровата скала со епицентар на пет километри. Епицентарот на овој земјотрес се наоѓал на длабочина од 14 километри.

Видете и ова: Силен земјотрес ја погоди Босна и Херцеговина

Интензивните потреси ги почувствувале и граѓаните на Босна и Херцеговина, а според коментарите на веб-страницата ЕМЦС, потресот бил почувствуван и во Хрватска.

Црна Гора во 3 часот и 30 минути ја погоди уште еден земјотрес, но со послаба магнитуда од 3,1 степени според Рихтеровата скала, јави ЕМЦС.

Пред речиси точно 45 години, на 15 април 1979 година, Црна Гора беше погодена од земјотрес со јачина од 7 степени според Рихтеровата скала. Епицентарот на земјотресот бил во Јадранското Море, меѓу Улцињ и Бар, на околу 15 километри од брегот. Тогаш во Црна Гора загинаа 101 лице, а во Албанија 35, додека повеќе од 100.000 луѓе останаа без покрив над главата.