Надбискупот од Кентербери, Џастин Велби, водач на глобалната англиканска заедница, во средата предупреди дека новата дефиниција за екстремизмот што треба да ја објави владата на Обединетото Кралство може да предизвика поделеност.
Велби и неговиот де факто заменик во Англиската црква, надбискупот од Јорк, Стивен Котрел, во заедничката изјава во вторникот рекоа дека новата дефиниција „ризицикува несразмерно да ги таргетира муслиманските заедници, кои веќе доживуваат зголемени нивоа на омраза и злоупотреба“.
Се очекува министерот Мајкл Гоув да ја претстави новата официјална дефиниција за екстремизмот оваа недела, по предупредувањето на премиерот Риши Сунак претходно овој месец за „шокантен пораст на екстремистичките нарушувања и криминал“.
Изјавата на Сунак во неговото обраќање до нацијата уследи по пропалестинските протести во Лондон, каде што имаше апсења поради антисемитизам, како и изолирани инциденти на насилство.
Во моментов, екстремизмот се дефинира како „гласно или активно противење на нашите фундаментални вредности“ како што се „заемно почитување и толеранција“.
Велби во изјава за Би-би-си во средата вели дека вестите за новата дефиниција сугерираат дека таа носи „опасност од продлабочување на центарот … и доведување на луѓето до една или друга крајност“, што тој рече дека е „многу, многу опасно“.
Медиумите објавија дека новата дефиниција „ќе го преиначи екстремизмот како промоција или изразување на идеологија заснована на нетолеранција, омраза или насилство што има за цел да ги поткопа правата или слободите на другите“ и „системот на либерална демократија и демократски права во Обединетото Кралство“.
Во заедничката изјава во вторникот, Велби и Котрел предупредија дека со тоа повеќеслојниот проблем може да биде означен како „екстремизам“ и дека „погрешните луѓе“ може да бидат клеветени.
Тоа може да ја загрози и слободата на говорот и правото на мирни протести, велат тие.
„Ние се придружуваме на повиците до владата да го преиспита својот пристап“, додадоа англиканските лидери.
Сунак, одговарајќи во парламентот во средата, инсистираше на тоа дека „важно е да имаме алатки за борба против оваа закана“ и дека потегот „апсолутно не е за замолчување на оние кои имаат приватни и мирољубиви верувања, ниту пак ќе влијае на слободата на говорот“.
Велби, кој исто така е член на Домот на лордовите, ја критикуваше владата и за нејзиниот план да испрати баратели на азил од Обединетото Кралство во Руанда.
Англикански лидер предупредува на поделби по новата дефиниција за екстремизам во Велика Британија
Надбискупот од Кентербери, Џастин Велби.