Неколку руски региони биле цел на бран украински беспилотни летала рано во средата, соопшти руското Министерство за одбрана, додека регионалните власти известија дека нафтената рафинерија Роснефт била погодена во Рјазан еден ден откако беспилотно летало сериозно ја оштетило рафинеријата на Лукоил.
Извор од Службата за безбедност на Украина (СБУ) за украинската служба на РСЕ изјави дека оваа служба стои зад големиот бран напади со дронови.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека руската противвоздушна одбрана соборила 65 украински беспилотни летала во шест региони – 35 во Воронеж, 25 во Белгород, по осум во Брјанск и Курск, еден во Ленинградската област и еден во Рјазанската област.
Видете и ова: Финскиот премиер вели дека Русија се подготува за долга војнаПавел Малков, гувернер на Рјазан, на околу 180 километри југоисточно од Москва, изјави дека локалната рафинерија за нафта Роснефт била запалена како резултат на напад со беспилотно летало. Имало и жртви, според првичните информации, напиша Малков на Телеграм, не наведувајќи други детали.
Каналот Шот на Телеграм објави дека три дронови ја нападнале подружницата на Роснефт-Рјазањефтепродукт и дека две лица се повредени.
Во Белгород, регионалниот гувернер Вјачеслав Гладков изјави дека е погодена станбена зграда, но оти нема повредени, додека, како што јави руската новинска агенција ТАСС, оштетена е фасадата на регионалното седиште на Федералната служба за безбедност (ФСБ).
Извор од СБУ за РСЕ изјави дека три руски рафинерии за нафта – во Рјазан, во Кстово во регионот Нижни Новгород и една во Кириши во Ленинградската област биле цел на украински беспилотни летала бидејќи Киев сака да нанесе што е можно поголема штета на руската економија.
Нападите во средата се случија еден ден по уште еден бран напади врз повеќе цели во Русија, кои наводно предизвикале пожари во две големи нафтени постројки.
Тие напади ја оштетија рафинеријата НОРСИ на Лукоил, четврта по големина во Русија, во регионот Нижни Новгород, на околу 775 километри од украинската граница, а погодија и складиште за нафта во Ориол, 116 километри од Украина.
Видете и ова: Најмалку две лица загинале во новите руски напади врз УкраинаИсто така во вторникот, руската Легија на слободата, рускиот доброволен корпус и сибирскиот баталјон, кои се составени од руски државјани кои се борат на страната на Украина, тврдеа дека извршиле прекугранични напади на руска територија.
Кремљ соопшти дека руските сили ги одбиле упадите и им нанеле големи загуби на вооружените групи. Ниту едното барање не можеше да биде независно потврдено.
Од друга страна, во руските воздушни напади во средата во украинските региони Доњецк и Суми загинаа најмалку две лица, а неколку луѓе беа ранети, соопштија официјални лица.