Ескобар по средбата со Османи: Има уште многу работа што треба да се заврши

Габриел Ескобар и Вјоса Османи во Приштина, 13 март 2024 година

Американскиот претставник за Западен Балкан, Габриел Ескобар, во краткото обраќање во средата по средбата со косовската претседателка Вјоса Османи рече дека во наредните денови „ќе се сретне со многу луѓе бидејќи има многу работа што треба да се заврши“.

Со средба со косовската претседателка Вјоса Османи Ескобар, ја започна посетата на Косово на 13 март, а се очекува за забраната на динарот на Косово и други прашања да разговара и со премиерот Албин Курти, со опозицијата и претставници на српската заедница во Косово.

„Ќе разговараме за предизвиците со кои се соочуваме, вклучително и декретот на Централната банка на Косово (за укинување на динарот), изнаоѓање начини да се продолжи напред во дијалогот, кој ја вклучува ЗСО (формирање Заедница на општини со српско мнозинство) “, рече Ескобар.

Ескобар дојде на Косово по повторното заострување на односите меѓу Приштина и Белград, по одлуката на Централната банка на Косово да ја укине употребата на српскиот динар со тоа што еврото стана единствено платежно средство.

Досега динарот циркулираше во српските заедници бидејќи припадниците на српската заедница имаат различни приходи од српскиот буџет.

Американскиот пратеник во вторникот рече дека за време на неговата посета на Приштина ќе се фокусира на изнаоѓање „можно решение за некоординираната одлука за забрана на динарот“.

Ескобар повтори дека САД не се против законитоста на таа одлука, но дека имаат проблеми со начинот на кој таа се спроведува и ефектот што го има врз српската заедница.

Тој додаде дека постои јаз во дипломатската комуникација меѓу САД и Косово и дека партнерството меѓу САД и Косово „не се потпира на поединци или страни“.

Видете и ова: Ескобар: Еднострани потези во односите меѓу Србија и Косово ќе имаат последици

Во меѓувреме, Банката Поштанска штедилница од Србија постави монтажни филијали во непосредна близина на четирите гранични премини со Косово: Јариње, Брњака, Кончуље и Мердар.

Владата на Србија соопшти дека ваквиот потег е направен со цел на Србите од Косово полесно да ги подигаат приходите од српскиот буџет кои ги добиваат во динари.

Прашањето за динарот беше тема и на дијалогот меѓу Косово и Србија на 27 февруари во Брисел, кој заврши без конкретен резултат, а специјалниот пратеник на ЕУ Мирослав Лајчак изјави дека се потребни дополнителни средби.

Косово инсистира на тоа дека укинувањето на динарот е „техничка работа“ и дека не треба да се разговара во контекст на дијалог за нормализација на односите, додека Србија бара политичко решение.