Специјалниот американски пратеник Ескобар неделава во Приштина и Подгорица

Специјалниот пратеник на Соединетите Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар

Специјалниот пратеник на Соединетите Држави за Западен Балкан, Габриел Ескобар, оваа недела ќе ги посети Косово и Црна Гора, соопшти Стејт департментот.

Во соопштението се наведува дека Ескобар ќе одржи состаноци во Приштина за влијанието на новата регулатива на Централната банка на Косово во однос на готовинските трансакции и се очекува да повика на процедури за да се обезбеди целосно задоволување на потребите на населението во Косово.

Ескобар ќе се сретне со претставници на властите во Приштина, граѓанското општество и локалните Срби, а се очекува да ја истакне поддршката на САД за дијалогот за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина со посредство на Европската Унија.

За време на неговата посета на Подгорица, Ескобар се очекува „да ја нагласи поддршката што САД и ја даваат на демократска Црна Гора вкоренета во евроатлантската заедница“.

Во Црна Гора тој ќе се сретне со претставници на владата и граѓанското општество, како и со бизнис лидери.

Според Стејт департментот, посетата на Ескобар „ќе ја потврди посветеноста на земјите од Западен Балкан на патот на евроатлантските интеграции и подлабоката регионална соработка“.

Видете и ова: Ескобар: Еднострани потези во односите меѓу Србија и Косово ќе имаат последици

Како што се најавува, Ескобар ќе ги посети и Белгија и Австрија до понеделник, 18 март.

Во Белгија тој ќе се сретне со специјалниот претставник на Европската Унија за дијалог меѓу Белград и Приштина, Мирослав Лајчак и други претставници на Унијата и НАТО, со цел да разговараат за напорите на полето на спроведување на реформите кои ќе донесат мир, стабилност и напредок кон регионот.

За време на посетата на Австрија, Ескобар ќе се сретне со претставници на Канцеларијата на ОБСЕ за демократски институции и човекови права (ОДИХР), со кои ќе разговара за изборите во Србија и Северна Македонија.