„Поворка на живите“: Сеќавање за холокаустот на Евреите

Фотографија од Маршот во Битола

Еврејската заедница во Северна Македонија и Фондот на холокаустот на Евреите од 9 до 11 март 2024 година одбележуваат 81 година од холокаустот на македонските Евреи. По тој повод и во Штип се одбележаа 81 година од депортацијата на македонските Евреи во логорот на смртта „Треблинка“.

На Комеморативната седница во Општина Штип присуствуваше aмбасадорката на Израел во Република Северна Македонија, Симона Франкел, градоначалникот на Општина Штип, претставници на Еврејската заедница во земјава, како и пратеници од македонското Собрание.

„За мене претставува чест, како и секоја година, да бидам тука за комеморацијата на Еврејската заедница која беше депортирана за време на Холокаустот и прво испратена во скопскиот Монопол, па потоа во камповите на смртта во Полска, каде што беа убиени за време на холокаустот. За жал, многу малку луѓе преживеаја во овој камп на смртта“, порача Франкел.

Одбележување на годишнината во Штип

Денот на холокаустот во Битола денеска беше одбележан на Еврејските гробишта во Битола во присуство на голема делегација од Израел. Беа положени цвеќе и каменчиња по еврејските обичаи, а Денот беше одбележан и пред Споменикот на депортираните Евреи од Битола – „Камена менора“ и споменикот на Естреа Овадија Мара.

Централните комеморативни активности ќе се одржат утре во Скопје. Ќе започнат со оддавање почит пред Споменикот на 7 144-те депортирани Евреи од Македонија во скопскиот Монопол, а ќе завршат со Комеморативна вечер во Меморијалниот центар на Холокаустот на Евреите од Македонија.