На 10 март израелската армија продолжи со бомбардирањето на Појасот Газа и десетици луѓе беа убиени во време на меѓународни напори за испраќање хуманитарна помош до опколеното цивилно население кое се наоѓа на ризик од глад, пишува АП.
Како дел од најавата на Европската унија (ЕУ) за хуманитарен поморски коридор, првиот брод треба да исплови од Кипар за да пренесе помош на територијата уништена од повеќе од пет месеци војна меѓу Израел и Хамас - палестинската екстремистичка организација која САД и Европската унија (ЕУ) ја сметаат за терористичка.
Во пресрет на муслиманскиот месец Рамазан, нема индикации дека ќе се постигне договор за примирје во војната во која, според Хамас, се убиени повеќе од 31.000 луѓе, главно цивили.
Израел ја започна офанзивата како одмазда за нападот на Хамас врз јужен Израел на 7 октомври. Во тие напади загинаа најмалку 1.160 луѓе, повеќето цивили, а повеќе од 250 заложници беа киднапирани и однесени во Газа, од кои 130 се уште се држат во притвор.
Видете и ова: Американски брод со опрема за изградба на пристаниште плови кон ГазаВластите на Хамас тврдат дека синоќа биле извршени повеќе од 60 напади и биле погодени куќи во централниот и јужниот дел на Газа, најмногу во градот Кан Јунис.
Најмалку 13 лица загинаа кога граната ги погоди шаторите на раселените луѓе во регионот Ал-Маваси меѓу Кан Јунис и Рафа, соопшти Министерството за здравство на Хамас.
Според Министерството, во ноќта меѓу саботата и неделата биле убиени вкупно 85 Палестинци.
Израелската армија, чии војници дејствуваат на голем дел од палестинската територија, соопшти дека во последните 24 часа во центарот на Газа и Кан Јунис биле убиени околу 30 палестински борци.
Според Обединетите нации, гладот е закана за 2,2 милиони од 2,4 милиони жители, а 1,7 милиони се раселени.
Министерството за здравство под контрола на Хамас соопшти дека 25 лица, главно деца, починале од глад.
Видете и ова: Нетанјаху му штети на Израел затоа што не го спречува страдањето на цивилите во Газа, изјави БајденВо последните денови, неколку западни и арапски земји фрлија пакети со храна и медицински материјали во Газа.
Во петокот ЕУ и САД објавија дека подготвуваат поморски хуманитарен коридор од Кипар, кој е на околу 370 километри од Газа.
Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен рече дека се надева дека првиот брод ќе исплови на 10 март, со 200 тони храна обезбедени од невладини организации.
ОН се на мислење дека фрлањето пакети со помош од воздух и нивното испраќање по море не може да ја замени испораката на копно.
Војната во Појасот Газа ја започна нападот на Хамас на југот на Израел на 7 октомври, во кој, според израелските податоци, загинаа 1.200 луѓе, додека 253 беа земени како заложници.
Повеќе од 31.000 Палестинци се убиени во петмесечните израелски воздушни и копнени офанзиви, соопшти Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.