Американски брод со опрема за изградба на пристаниште плови кон Газа

Американскиот брод плови кон Газа. 10 март 2024 година.

Американски воен брод плови кон Блискиот Исток и носи опрема за изградба на привремено пристаниште во близина на брегот на Газа, објави американската војска на 10 март.

Бродот „Генерал Френк Бесон“ исплови од воената база во Вирџинија, помалку од 36 часа откако претседателот на Соединетите Американски Држави (САД) Џозеф Бајден вети дека ќе изгради пристаниште за доставување хуманитарна помош до опколената енклава.

Најавата на Бајден следеше по предупредувањето на Обединетите нации (ОН) за глад меѓу 2,3 милиони Палестинци во Газа, пет месеци откако Израел започна офанзива во областа како одговор на нападот на Хамас - палестинската екстремистичка организација што САД и Европската унија (ЕУ ) сметаат за терористичка.

Видете и ова: Нетанјаху му штети на Израел затоа што не го спречува страдањето на цивилите во Газа, изјави Бајден

Газа нема пристанишна инфраструктура, а САД првично планираат да го користат Кипар за да ги контролираат пратките со хуманитарна помош.

Во проверките ќе бидат вклучени и израелски официјални лица, што ја елиминира потребата од безбедносни проверки во Газа, пренесува Ројтерс.

Газа е под блокада на израелската морнарица од 2007 година, кога Хамас ја презеде контролата врз енклавата.

Војната во Појасот Газа ја започна нападот на Хамас на југот на Израел на 7 октомври, во кој, според израелските податоци, загинаа 1.200 луѓе, додека 253 беа земени како заложници.

Повеќе од 31.000 Палестинци се убиени во петмесечните израелски воздушни и копнени офанзиви, соопшти Министерството за здравство на Газа под контрола на Хамас.