Солзавец и молотови коктели на протест против приватните универзитети во Атина

Протест во Атина, 8 март 2024 г.

Демонстранти фрлаа молотови коктели кон полицијата која одговори со солзавец во центарот на Атина, на протестот против приватните колеџи каде се собраа илјадници студенти на 8 март.

Протестот се одржа во пресрет на собраниската седница на која се очекува да се донесе закон со кој странските приватни универзитети ќе можат да отворат ограноци во Грција.

Илјадници студенти со недели мирно протестираат против реформата, која според нив ќе ја намали вредноста на дипломите од државните универзитети, но гневот кулминираше кога премиерот Киријакос Мицотакис ги повика пратениците да го усвојат законот.

„Се плашиме дека … дури и да успееме да го завршиме факултетот, никогаш нема да можеме да најдеме работа никаде“, изјави 25-годишниот Стратос Кацелис за Ројтерс.

„Ниту еден млад човек денес не може да направи никаков план за иднината. Сè што гледаме е ќорсокак“, додава тој.

Мицотакис, кој освои втор мандат минатиот јуни, рече дека законот ќе помогне да се запре одливот на десетици илјади грчки студенти на универзитетите во странство, што ќе ја оптовари економијата што сè уште се закрепнува од 10-годишната финансиска криза.

Тој рече дека законот, исто така, ќе помогне Грција да се усогласи со остатокот од Европската унија и да ја зголеми конкуренцијата во високото образование.

Видете и ова:

Грција ги легализираше истополовите бракови

Предлог-законот се очекува да биде одобрен бидејќи конзервативната влада контролира 158 пратеници во 300-члениот парламент.

„Парламентот не е повикан само да гласа за клучниот закон, туку да одобри радикална и храбра реформа во образованието за раст и социјална правда“, рече Мицотакис.

Опозициските партии се против донесувањето на законот, тврдејќи дека со него се крши Уставот.

Пратеникот на најголемата опозициска партија, левичарската Сириза, Харис Мамулакис, за време на тридневната расправа во парламентот рече дека „Владата со ова воведува концепт на меритократија што се плаќа со школарина. Тие што имаат пари ќе научат предмет: Моќта на привилегијата“.

Грција троши меѓу три и четири отсто од својот годишен економски приход за образование, што е под европскиот просек.

Иако приватното високо образование е легално во Грција, новиот закон ќе ги направи дипломите од приватните институции на исто ниво со државните универзитети. На странските универзитети ќе им биде дозволено да отвораат филијали во Грција, со непрофитен статус и покрај тоа што наплаќаат школарина.

Според Министерството за образование, повеќе од 650 000 студенти посетуваат настава на државните универзитети во Грција, а 40 000 студираат во странство.

Владата на Мицотакис неодамна воведе голем број прогресивни реформи во Грција, како што се легализацијата на истополовите бракови и воведувањето гласање по пошта за претстојните избори за Европскиот парламент во јуни.