Во април ќе се гласа за смена на градоначалниците на северот на Косово

Потпишување на петицијата за смена на градоначалникот во Северна Митровица, 17 јануари 2024 година.

Централната изборна комисија на Косово одлучи гласањето за смена на градоначалниците во четири општини на северот на Косово да се одржи на 21 април.

Комисија ги верификуваше потписите на граѓаните кои поднесоа петиција за смена на градоначалниците во општините со српско мнозинство на северот на Косово – Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток.

Потписите беа собрани во средината на јануари врз основа на административното упатство од Владата на Косово, кое беше донесено со цел да се отвори пат за распишување избори во општините на северот, бидејќи локалното српско население не прифаќаше градоначалници Албанци.

Видете и ова: Курти бара членство во европските структури како одговор на „заканите“ од Србија

Шефот на Секретаријатот на Централната изборна комисија Бурим Ахметај изјави дека во општина Лепосавиќ на петицијата за смена на градоначалникот се потпишале 3 030 лица, од кои 2 905 се верификувани. Тој додаде дека оваа бројка го исполнува условот од потребните 20 отсто потписи од вкупниот број лица запишани во избирачкиот список.

Истиот услов е исполнет во општина Зубин Поток – каде се собрани 1 576 потписи, а заверени 1 380, општина Звечан – каде што петицијата ја потпишале 1 834 лица, од кои 1 380 се заверени и Северна Митровица – каде се потпишани 4 148 граѓани, а од нив 3.653 се верификувани.

За да биде успешно претстојното гласање за смена на градоначалниците потребни се 50 отсто плус еден глас од граѓаните со право на глас.

После тоа, резултатот се испраќа до претседателката на Косово, Вјоса Османи, која има законски рок од 30 до 45 дена да распише предвремени избори.

Србите ги бојкотираа последните локални избори на север, поради што на власт дојдоа албанските градоначалници на крајот на мај 2023 година, што само ги подгреа тензиите.

Видете и ова: Стано - Косово и Србија нема да напредуваат кон ЕУ доколку не ги спроведат договорите

Петицијата за смена на албанските градоначалници ја потпишаа и претставници на Српската листа, најголемата партија на Србите на Косово, која има поддршка од Белград.

Токму оваа партија лани повика на бојкот на изборите, за да го условува учеството на изборите. Но, во октомври минатата година таа одеднаш објави дека е подготвена да учествува на изборите и повика на нивно организирање.

Ваквиот став на Српската листа дојде откако вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во Бањска, кога беше убиен еден полицаец. Одговорноста за нападот ја презеде поранешниот потпретседател на Српската листа, Милан Радоичиќ.