Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ) ќе забрани посета во градинки на деца кои немаат примено ДТП вакцина, само доколку препораката на Комисијата за заразни болести биде прифатена и со одлука, а Министерството за здравство му наложи на Инспекторатот вршење вонредни инспекциски надзори заради увид во вакциналните потврди обезбедени од вакциналните пунктови за примена ДТП вакцина. Ова денеска го изјави директорката на ДСЗИ, Рената Младеновска.
По најновите препораки од вчерашната седница на КЗБ за спречување на ширењето на голема кашлица, Младеновска посочи дека надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање родители кои не вакцинирале дете.
КЗБ на вчерашниот состанок донесе препорака Државниот санитарен и здравствен инспекторат да се вклучи во активност вршење вонредни инспекциски надзори што се однесуваат на забрана на примање деца во предучилишни установи, кои не се имунизирани со вакцина ДТП согласно редовниот календар за имунизација, а се со цел да се интензивира офатот на вакцинирање во услови на епидемија на пертусис - голема кашлица, прогласена на територија на Скопје.
Видете и ова:
Редици за вакцина против голема кашлицаМладеновска потсети дека од почетокот на епидемијата контролата на вакциналниот статус на децата згрижени во предучилишните установи ја врши Министерството за труд и социјална политика, согласно нивната законската регулатива.
„Надлежноста на ДСЗИ е во делот на санкционирање на родителите кои не го вакцинирале своето дете, преку спроведување постапка за порамнување, а по добиен список од страна на вакциналните пунктови. Висината на казната за родител- старател изнесува 300-650 евра во денарска противвредност“, изјави Младеновска.
Од Комисијата за заразни болести предлагаат тестирање за голема кашлица на територија на цела Северна Македонија, а од 15 март се очекуваат и вакцини против пертусис за возрасни.
Од почетокот на годината, заклучно до 6 март, вкупно 141 случаи на голема кашлица се регистрирани на територија на главниот град Скопје, информираат од Центарот за јавно здравје.