Претставникот на Европската Унија (ЕУ) за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак, престојува во Приштина, каде што се сретна со Бесник Бислими, вицепремиер и главен преговарач на Косово во техничкиот дијалог со Србија.
Како што соопштија од Владата на Косово, Бислими со Лајчак ќе разговара за спроведувањето на Основниот договор, кој двете страни го прифатија минатата година на предлог на ЕУ.
Договорот за нормализација, кој на страните им го предложи ЕУ, меѓу другото предвидува меѓусебно признавање на државните симболи, како и почитување на територијалниот интегритет и обезбедување на одредено ниво на самоуправување за српската заедница во Косово.
Видете и ова: Курти бара членство во европските структури како одговор на „заканите“ од СрбијаИако овој договор не е потпишан, ЕУ во неколку наврати спомена дека е правно обврзувачки и за Косово и за Србија. Од Владата на Косово не соопштуваат дали Лајчак ќе се сретне со друг косовски функционер, ниту дали има други теми на маса.
Сепак, Мирослав Лајчак на својот Фејсбук профил пред посетата на Приштина изјави дека со Бислими ќе разговара за уредбата на Централната банка на Косово со која се укинува динарот.
Меѓународната заедница ја критикуваше ваквата одлука и побара нејзино одложување бидејќи, како што велат, има негативно влијание врз српската заедница и може да ги подигне етничките тензии. Србите од Косово имаат различни приходи од буџетот на Србија во динари.
На крајот на февруари во Брисел се одржа средба меѓу Косово и Србија по ова прашање, но немаше конкретен резултат. Официјална Приштина инсистира дека прашањето за укинување на динарот е техничко прашање, додека Белград бара политички договор.