Министерството за образование и наука (МОН) во изјава за МИА потврди дека ја поддржуваат секоја идеја за зголемување на платите на вработените во јавните Универзитети, а истакнуваат и доколку постои волја во Собранието за потпишување на колективен договор, тие како институција ќе учествуваат во преговорите.
„МОН и министерот Јетон Шаќири ја поддржуваат секоја идеја за зголемување на платите на вработените во образовните институции без разлика дали се во основното, средното или високото образование. Со оглед на тоа што основач на државните универзитети е Собранието, доколку таму постои волја за потпишување колективен договор и со другите универзитети, освен со УКИМ, како институција ќе учествуваме во преговорите, затоа што наставно – научниот кадар заслужува повисоки плати“, се вели во одговорот од МОН.
Видете и ова: Вработените на петте јавни универзитети на протест, побараа изедначување на платите со оние на УКИМИнаку, одговорот од МОН следува откако денеска на мирен протест излегоа членовите на синдикатите на универзитетите во Битола, Тетово, Штип, Охрид и „Мајка Тереза“ во Скопје, на кој побараа потпишување на колективен договор и изедначување на правата, обврските и одговорностите со Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“-Скопје.
На денешните протести, беше истакнато и дека доколку не бидат исполнети барањата на синдикатите на петте јавни универзитети, идните активности ќе ги дефинираат во консултации со поширокото членство. На овие универзитети има 1.500 вработени, додека УКИМ има вкупно 3.200 вработени лица.