Орбан и Трамп ќе се сретнат на 8 март во Флорида

Поранешниот американски претседател Доналд Трамп и унгарскиот премиер Виктор Орбан за време на состанокот во Белата куќа на 13 мај 2019 година.

Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 8 март во Флорида ќе се сретне со поранешниот претседател на САД, Доналд Трамп, откако претходно тој ги поддржа напорите на Трамп да се врати на претседателската функција оваа година.

Трамп го опиша десничарот Орбан, кој често е во судир со ЕУ и кој е критикуван за неговата антиимиграциска кампања и потезите да ги стави судството, медиумите и невладините организации под поголема државна контрола, како „голем лидер “.

Конзервативната политика на Орбан кон семејството беше пофалена и од популистичките фигури во Соединетите Држави, а Унгарија беше домаќин на состаноците на CPAC, Конференција за конзервативни политички акции. Следниот месец Унгарија повторно ќе биде домаќин на оваа конференција.

Унгарскиот премиер, кој одби да испрати оружје во Украина и одржува блиски економски врски со Русија од инвазијата во 2022 година, постојано повторува дека само враќањето на Трамп во Белата куќа може да донесе мир во Украина.

„Не е коцкање, туку всушност обложување на единствената разумна шанса, ние во Унгарија да се обложиме на враќање на претседателот Трамп“, рече Орбан на економскиот форум.

„Единствената шанса во светот за релативно брз мировен договор е политичката промена во САД, а тоа е поврзано со тоа кој е претседател.

Видете и ова: Прв пораз на Трамп, Хејли победи во Вашингтон

Трамп, кој се обидува повторно да се кандидира за претседател, предизвика бес кај западните сојузници минатиот месец, откако посочи дека САД можеби нема да ги заштитат сојузниците од НАТО кои не трошат доволно за одбрана од потенцијална руска инвазија.

Орбан вели дека претседателските избори во САД оваа година и гласањето за Европскиот парламент во јуни, ќе бидат клучни затоа што конзервативците во Европа и САД мораат заедно да се борат за „повторно освојување“ на институциите во Вашингтон и Брисел од либералите кои, според него, и се закануваат на западната цивилизација.

Унгарскиот премиер, кој е на власт од 2010 година, се соочи со тензии со администрацијата на претседателот Џо Бајден, главно поради доцнењето на Будимпешта да го ратификува членството на Шведска во НАТО.

По долго одложување, унгарскиот парламент минатата недела ја одобри кандидатурата на Шведска за членство во Алијансата.