Курти бара членство во европските структури како одговор на „заканите“ од Србија

Косовскиот премиер Албин Курти

Косовскиот премиер Албин Курти изјави дека на неговата земја треба да и се даде поттик за евроинтеграции, како одговор на „безбедносните закани“, кои, според него, доаѓаат од Србија.

На конференцијата „Парламентарна дипломатија за регионална безбедност и евроатлантска интеграција“, Курти рече дека Европската Унија и НАТО треба да имаат ист пристап кон, како што го нарече, „автократскиот режим“ во Србија како и кон Русија по инвазијата на Украина во 2022 година.

Тој додаде дека НАТО одговори на руската инвазија на Украина со тоа што ги направи Финска и Шведска членки на алијансата, а ЕУ давајќи им на Украина, Молдавија и Грузија статус на земји кандидати.

„На ист начин треба да се пристапи и кон безбедносните закани за Западен Балкан, кои доаѓаа од Србија, односно да се даде статус на земја кандидат за членство во ЕУ и членство во Советот на Европа на Косово“, рече Курти.

Косовскиот премиер изјави дека Србија во последните две години четири пати ја подигнала борбената готовност во близина на границата со Косово, „финансирала терористи“ и „ширела лаги за да ги оправда агресивните дејствија кон Косово и регионот“.

Со оваа изјава Курти алудираше на зголемените тензии меѓу Косово и Србија од крајот на 2022 година, кога припадниците на српската заедница на северот ги напуштија косовските институции. Оттогаш, следеа кризи и ситуацијата кулминираше во септември 2023 година, кога вооружена група Срби ја нападна косовската полиција во селото Бањска на северот на Косово. Тогаш беа убиени еден полицаец и тројца српски напаѓачи.

Видете и ова: Блинкен: Дијалогот е единствениот пат напред за Косово и Србија

Косово ја обвини Србија за овој напад, додека официјален Белград негираше каква било вмешаност.

Курти на конференцијата зборуваше за европските и атлантските интеграции на Косово со оценка дека тие не можат да се спроведат без поддршка од меѓународните пријатели и внатрешни реформи.

Косово аплицираше за членство во Советот на Европа во 2023 година и за членство во ЕУ на крајот на 2022 година. Сепак, не е постигнат напредок во ниту еден од овие интегративни процеси и Косово е единствената земја од Западен Балкан што нема статус на земја кандидат.

Видете и ова: Курти: Не можеме да ја промениме одлуката за српскиот динар

Косовскиот премиер ја обвини Србија дека ја блокира евроатлантската рута на Косово.

„Недостигот на напредок во членството на Косово во ЕУ и Советот на Европа не е поврзан со недостатокот на демократија и силна заштита на правата на малцинствата и човековите права, туку со однесувањето на авторитарниот режим бидејќи Србија не е заинтересирана за НАТО или членството во ЕУ. Таа се обидува да го блокира напредокот на целиот регион“, рече Курти.

Српскиот претседател Александар Вучиќ на 2 март изјави дека западните земји го зголемуваат притисокот врз Србија де факто и де јуре да го признае Косово, да воведе санкции кон Русија и да го промени нејзиниот однос кон Кина.