Се бара притвор за осуммина приведени по вчерашната акција на МВР за шверц на дрога, двајца веќе се во затвор

Зградата на ОЈО во Скопје (Илустративна фотографија)

Јавен обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапувајќи по кривичната пријава поднесена денеска од МВР, донесе наредба за спроведување на истражна постапка против 10 лица, соопштија денеска од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.

Оттаму додаваат и дека станува збор за вчерашната акција на МВР под кодно име „Чибук“, а осомничемните се теретат дека сториле кривично дело - „неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги и психотропни спстанци“.

„Во текот на вчерашниот ден беа извршени претреси на повеќе локации во Струмица, Гевгелија, Демир Капија, Струга, КПУ Затвор Прилеп и неговата околина и притоа беа приведени 8 лица и пронајдени 13 јутени бели вреќи со 193 вакумирани кеси со наркотична дрога марихуана во количина од 99 кг и 630 грама“, се вели во соопштението.

Од обвинителството велат дека се работи за повеќемесечна предистражна постапка, преку која се утврдила дека во периодот од октомври 2023 до март 2024 година, осомничените се здружиле заради неовластена продажба и пуштање во промет на наркотична дрога марихуана и за таа цел купувале, држеле, пренесувале, продавале и посредувале во неовластена продажба.

Видете и ова: МВР: Сузбиена криминална група, приведени 10 лица

Во текот на овој период групата организирала и реализирала продажба на поголема количина на марихуана што неовластено била набавувана од НН правни субјекти од Струмица и Демир Капија, од Р.Албанија, како и од правен субјект со дејност одгледување на зачински, ароматични и лековити растенија и растенија за употреба од Струмица.

„Предметниот обвинител од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, ценејќи дека постојат околности што го оправдуваат стравот oд опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата, денеска на судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд – Скопје му предложи определување на мерката притвор за осумтемина осомничени. Останатите двајца осомничени се наоѓаат на издржување на затворската казна во КПД Затвор Прилеп од каде го сториле кривичното дело што им се става на товар“, се додава во соопштението од Јавното обвинителство во врска со акцијата „Чибук“.

МВР вчера соопшти дека е сузбиена криминална група, како и тоа дека се приведени 10 лица, но не беа откриени повеќе детали.