Товарен брод со вештачко ѓубриво што потона во Црвеното Море по напад на јеменските бунтовници Хути претставува еколошки ризик, предупреди американската Централна воена команда (Центком).
На 19 февруари Хутите ја презедоа одговорноста за нападот на бродот „Рубимар“ (Рујмар), кој превезувал вештачко ѓубриво, пловел под знамето на Белизе и бил управуван од либанска компанија.
На 2 март јеменската влада објави дека бродот потонал.
Американската централна команда (Центком) вечерта на 2 март потврди дека бродот потонал во Црвеното Море, откако претходниот месец бил погоден од противбродска балистичка ракета.
„Приближно 21.000 тони ѓубрива базирани на фосфати и амониум сулфат, кои ги носел бродот, претставуваат еколошки ризик во Црвеното Море“, објави Центком.
Американската команда додаде дека потонатиот брод претставува ризик бидејќи другите бродови би можеле да го допрат под вода.
Според Меѓународниот монетарен фонд, контејнерскиот сообраќај преку Црвеното Море е намален за една третина оваа година поради континуираните напади на јеменските бунтовници Хути.
Видете и ова: Во Црвеното Море потона брод кој беше нападнат од јеменските ХутиОд почетокот на војната меѓу Израел и палестинското движење Хамас во Појасот Газа, движењето Хути напаѓа бродови во Црвеното Море како поддршка на Палестинците, а ова е првиот што успеаја да го уништат.
Многу бродови не користат нормални рути, а потонувањето на Рубимар од 40.000 тони, може да доведе до дополнителни прекини во сообраќајот, потенцијално да ги зголеми глобалните цени на стоките и да влијае на испораката на помош на Блискиот Исток.
Бродот Рубимар ги напушти Обединетите Арапски Емирати и се упати кон бугарското пристаниште Варна кога беше погоден од два проектила. Екипажот го напуштил бродот и бил евакуиран на безбедно место.
Неколку други организации изразија загриженост за еколошката закана од потонатиот брод. Сателитските снимки покажуваат дека нафтата се шири од потонатиот брод.
Според агенцијата за поморска безбедност УКМТО, управувана од британската морнарица, бродот се наоѓал на 35 наутички милји (65 километри) од југозападното пристаниште Мока во Јемен кога бил нападнат.