Израелско беспилотно летало погоди автомобил во јужен Либан на 2 март, при што загинаа тројца членови на Хезболах, објавија либанските државни медиуми и официјални лица, пренесува Асошиејтед прес (АП).
Уште четворица членови на Хезболах беа убиени во ноќен напад на куќа во градот Рамија, изјави претставник на либанската безбедност кој сакаше да остане анонимен, бидејќи не е овластен да објавува информации за медиумите.
Заедно со Хамас, кој го поддржува, Хезболах е означен како терористичка организација од Соединетите Американски Држави (САД) и Европската унија (ЕУ). И Хезболах и Хамас имаат поддршка од Иран.
Во соопштението на израелската армија се наведува дека извршила напад врз возило во јужен Либан „во кое се превезувале голем број терористи кои лансирале ракети на израелска територија“. Во соопштението се додава дека милитантите дејствувале во рамките на дивизијата Имам Хосеин, која е поврзана со Иран и работи под Хезболах.
На 2 март Хезболах ја објави смртта на седуммина свои борци, без да прецизира кога и каде се убиени.
Видете и ова: Стејт департмент: Не сакаме ескалација на тензиите меѓу Израел и ХезболахЛибанската милитантна група речиси секојдневно разменува оган со израелските сили долж либанско-израелската граница од почетокот на израелската војна против сојузникот на Хезболах, Хамас во Газа.
Во борбите загинаа повеќе од 200 борци на Хезболах, најмалку 37 цивили во Либан и најмалку девет војници и девет цивили во Израел.
Хезболах соопшти дека нема да ги запре нападите врз Израел додека не дојде до прекин на огнот во Газа, но дека ќе го почитува прекинот на огнот доколку тоа се случи.
Израелскиот министер за одбрана Јоав Галант рече дека ќе ги засили нападите врз Хезболах дури и ако се постигне прекин на огнот со Хамас во Појасот Газа, додека либанската милитантна група не се повлече од пограничната област.