Во Црвеното Море потона брод кој беше нападнат од јеменските Хути

Истекување нафта од бродот Рубимар во јужниот дел на Црвеното Море, на 20 февруари 2024 година, по нападот на јеменските Хути.

Брод нападнат од јеменските бунтовници Хути потона во Црвеното Море, неколку дена откако беше погоден, објави Асошиејтед прес (АП) на 2 март, повикувајќи се на јеменски официјални лица.

Тоа е првиот брод што е целосно уништен во операција на јеменските Хути кои го поддржуваат Хамас (организација означена како терористичка од страна на Соединетите Американски Држави и Европската Унија) во војната против Израел.

Американските власти на 24 февруари известија дека нападот на Хутите и оштетувањето на бродот предизвикале опасна нафтена дамка долга 29 километри.

Бродот, наречен Рубимар, се движеше на север откако Хутите го нападнаа на 18 февруари во теснецот Бал ел-Мандеб, клучен поморски пат што ги поврзува Црвеното Море и Аденскиот Залив.

Тој е регистриран е во Велика Британија под раководство на компанија од Либан, а се движел кон Бугарија од Хоркавкан во Обединетите Арапски Емирати, со повеќе од 41.000 тони ѓубриво. Екипажот бил принуден да го напушти бродот.

Видете и ова: Соборени пет дрона на Хутите во Црвено Море

Меѓународно признатата влада на Јемен, како и регионален воен претставник, потврдија дека бродот потонал. Службеникот зборуваше под услов да остане анонимен бидејќи информацијата не била овластена за објавување, објави АП.

Менаџерот на Рубимар од Бејрут (Либан) не беше достапен за коментар.

Јеменската влада во егзил, која беше поддржана од коалицијата предводена од Саудиска Арабија од 2015 година, рече дека Рубимар потонал доцна на 1 март кога бура го погодила Црвеното Море.

На 24 февруари, Соединетите Американски Држави и Велика Британија започнаа четврти напад врз позициите на јеменските Хути во обид да ги спречат нападите на Хутите врз бродовите во Црвеното Море и Аденскиот Залив.