Зеленски побара повеќе системи за противвоздушна одбрана по новите жртви во руските напади

Спасувачите бараат преживеани во урнатините по напад со руски дрон врз станбена зграда во Одеса, пристанишен град во јужна Украина, 2 март 2024 година.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски денеска на 2 март го повика Западот да обезбеди повеќе системи за противвоздушна одбрана, откако најмалку шест лица загинаа во најновите руски напади, објави АФП.

Според украинските власти, четири лица, меѓу кои и едно тригодишно дете, се убиени во воздушни напади во текот на ноќта во пристанишниот град Одеса на југот на земјата, додека гранатирање убило едно лице во областа Харков во близина на Руската граница, како и уште една жртва на јужната линија на фронтот во регионот Керсон.

„Ни треба повеќе воздушна одбрана од нашите партнери. Треба да го зајакнеме воздушниот штит на Украина за да додадеме поголема заштита за нашиот народ од рускиот терор. Повеќе системи за противвоздушна одбрана и повеќе проектили за системи за противвоздушна одбрана спасуваат животи“, рече Зеленски во објавата на социјалните мрежи.

Украина чека нов пакет воена помош од Соединетите Американски Држави (САД) во вредност од 60 милијарди долари, кој е блокиран од Конгресот.

Четири лица загинаа, осум се ранети, додека шест се водат за исчезнати откако руски дрон се урна на 2 март во станбен блок во пристанишниот град Одеса во јужна Украина, соопштија властите, пренесе Ројтерс.

„Русија продолжува да се бори против цивилите... Едно од непријателските беспилотни летала погоди станбена зграда во Одеса. Уништени се 18 станови“, соопшти украинскиот претседател Володимир Зеленски во објава на мрежата Телеграм.

Видете и ова: Двајца загинати и осум повредени лица во руски напад со дрон во Одеса

На видеото објавено од Зеленски се гледа оштетената станбена зграда, како и десетици спасувачи кои се борат да се пробијат низ урнатините.

Според Зеленски, станува збор за беспилотно летало Шахид од иранско производство. Русија лансираше неколку илјади вакви беспилотни летала при напади врз цели во Украина.

Регионалниот гувернер на Одеса, Олех Кипер, изјави дека активностите за расчистување на урнатините се во тек и дека еден човек е извлечен жив, кој најверојатно бил во подрумот во моментот на ударот.

Украинскиот јавен радиодифузен сервис „Суспилне“ го цитираше локалното обвинителство дека шест лица се уште се водат како исчезнати.

Вооружените сили на Украина соопштија дека регионот Одеса бил нападнат со осум беспилотни летала, од кои седум биле соборени од противвоздушната одбрана.

Регионалниот гувернер на Харков, Олех Синиехубов (Синјехубов) на 2 март објави дека повеќе од 20 населени места во источната украинска провинција претрпеле руски артилериски и минофрлачки напади, додека високи згради во регионалната престолнина биле оштетени од напад со дрон.