Повеќе од 120 лица уапсени во Русија поради учество на собири во чест на Навални

Граѓаните положија цвеќе на гробот на Алексеј Навални, еден ден откако беше погребан на гробиштата Борисовско во Москва, 2 март 2024 година.

Најмалку 120 лица се уапсени во Русија за присуство на собири за оддавање почит на починатиот критичар на Кремљ Алексеј Навални, кој беше погребан во Москва на 1 март по неговата сомнителна смрт во затвор на Арктикот минатиот месец, откако некои руски региони го прогласија покојниот опозициски политичар за „симбол на екстремизам“, пренесува рускиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) и Current Time.

Навални беше погребан на гробиштата во близина до домот каде што живеел како дете во Москва, додека десетици илјади поддржувачи им пркосеа на забраните на руските власти, со тоа што се собраа да му оддадат почит на Навални, и покрај силното полициско присуство.

На роднините и блиските соработници им беше дозволено да влезат во црквата каде што се одржа кратка комеморација за најистакнатиот непријател на рускиот претседател Владимир Путин, пред да биде погребан на блиските гробишта Борисовско.

Полициски службеници беа распоредени во голем број низ цела Русија. Иако не беа пријавени непосредни инциденти за време на службата и погребот на Навални, повеќе од 120 луѓе подоцна беа приведени во Москва, Санкт Петербург, Новосибирск, Екатеринбург и други градови низ Русија поради учество на собири во чест на Навални.

Полицијата приведе најмалку 18 лица во Новосибирск, според Коалицијата Новосибирск 2020 и Сибирмедиа.

Видете и ова: Навални погребан во Москва - илјадници луѓе се збогуваа со критичарот на Кремљ

Според Телеграмскиот канал Автозак, најмалку 17 лица се приведени во Москва.

Меѓу приведените во Москва се Михаил Шнајдер, поранешен заменик-шеф на опозициската Партија на слободата на народот или ПАРНАС, која властите ја затворија во мај, и Андреј Морев, заменик-шефот на московскиот огранок на партијата Јаблоко (Јаблоко), како и неговиот колега Александар Ефимов. Морев подоцна беше ослободен без протокол.

Првиот оддел на проектот за човекови права објави дека судовите во четири руски региони го прогласиле името на Навални за „екстремистички симбол“.

Оттаму соопштија дека ознаката била употребена против тројца учесници на собирот во спомен на Навални во регионите Чељабинск, Краснодар и Мурманск. Наводно, етикетата била користена и во регионот на Улјановск.

За време на црковната служба, на социјалните мрежи се појавија фотографии од отворениот ковчег на Навални и покрај забраната за фотографирање и снимање.

Илјадници луѓе пешачеа по патеката долга 2,4 километри од црквата до гробиштата, каде на некои им беше дозволено да го видат местото на погреб откако ковчегот со телото на Навални беше положен во земја.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Масовна посетеност на погребот на Навални во Москва

На погребот присуствуваше американскиот амбасадор во Москва, како и уште неколку западни дипломати.

„Работата на Алексеј Навални беше посветена на споделување на визијата за подобра иднина за Русија и сите Руси. И на крајот, тој го даде својот живот за својата патриотска служба, објави.Амбасадата на Соединетите Американски Држави (САД) во Москва на социјалната Телеграм.

Францускиот претседател Емануел Макрон и германскиот канцелар Олаф Шолц, ја пофалија храброста на граѓаните кои присуствуваа на погребот на Навални.

„Потребна беше многу храброст да му се оддаде почит на Алексеј Навални. Илјадници Руси го најдоа тоа во себе. Ова е неговото наследство. Вечен спомен“, напиша Макрон на социјалната мрежа Х.

„Алексеј Навални со својот живот плати за својата борба за демократија и слобода. По неговата смрт, храбрите Руси го продолжуваат неговото наследство: многумина од нив беа на погребот денес и ризикуваа - за слобода“, стои во објавата на Шолц на Х.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Погребот на Навални под силно полициско обезбедување

Пред церемонијата, портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, предупреди дека секој неовластен собир за поддршка на Навални ќе се смета за кршење на законот.

Тој исто така рече дека Кремљ не го смета Навални за политичар и нема што да му каже на семејството на Навални.

Вдовицата на Алексеј Навални, Јулија Навални, директно го обвини рускиот претседател Владимир Путин за смртта на нејзиниот сопруг.

Кремљ постојано негираше каква било вмешаност или одговорност за смртта на Навални.