Британски аналитички центар предупредува дека руско-кинеската соработка е ризик за Украина

Илустративна фотографија - Мешународната вселенска станица.

Русија ја интензивира соработката со Кина во 5G и сателитска технологија, што може да ја олесни воената агресија на Москва против Украина, се предупредува во извештајот на британскиот безбедносен аналитички центар The Royal United Services Institute.

Во извештајот, објавен на 1 март, се вели дека интеграцијата на 5G мрежите на бојното поле може да наиде на пречки во Русија. Сепак, се додава, инфраструктурата за кинеската помош за руските сателитски системи веќе постои и може „да ја олесни руската воена акција во Украина“.

Кина, која одржува блиски врски со Москва, одби да ја осуди руската инвазија на Украина. Со економска поддршка од Кина, Кремљ преживеа бројни западни санкции.

Видете и ова: Украинските сили собориле четири руски беспилотни летала

Пекинг вели дека не ѝ продава смртоносно оружје на Русија за нејзината војна против Украина, но западните влади постојано ја обвинуваат Кина дека помага во протокот на технологија во руските воени напори.

Во извештајот на тинк-тенкот се вели дека соработката меѓу Русија и Кина во 5G и сателитската технологија, исто така, може да ѝ помогне на Русија на бојното поле во Украина.

„Широката употреба на беспилотни летала и напредна телекомуникациска опрема е критична на сите фронтови во Украина, од собирање разузнавачки информации до кампањи за воздушни напади“, се вели во извештајот.

5G е технолошки стандард за мобилни мрежи, кој овозможува побрз пренос на податоци од неговиот претходник 4G.