Германската влада ја зголемува за уште 20 милиони евра хуманитарната помош за луѓето во блокираниот Појас Газа, кој со месеци е подложен на постојано израелско бомбардирање, објави германската министерка за надворешни работи Аналена Бербок, цитирана од ДПА.
Сепак, тоа е далеку од доволно за да се задоволат потребите на жителите на Газа, нагласи шефот на германската дипломатија.
„Бројот на камиони кои доставуваат спасоносна храна, лекови и друга помош во Газа нагло се намали во последните недели. Ова е неприфатливо. Израелската влада мора веднаш да дозволи безбеден и непречен пристап до хуманитарна помош“, рече Бербок.
Видете и ова: Близу 30.000 загинати во Газа, ОН предупредуваат на „неизбежен“ гладСпоред податоците на германското Министерство за надворешни работи, Берлин во последната финансиска година обезбедил вкупно 206,5 милиони евра на Агенцијата за помош и работа на Обединетите Нации за палестинските бегалци (УНРВА). Жителите на Газа добија 83 милиони евра од оваа сума.
Агенцијата на ОН беше мета на критики во последните недели по израелските обвинувања дека некои нејзини работници биле вмешани во нападите врз Израел на 7 октомври. По овие откритија, вкупно 16 земји, вклучително и Германија, првично ги суспендираа плаќањата на УНРВА.
„Ако не можат да поминат доволно камиони, помошта ќе мора да се пренесе со хеликоптер до луѓето по потреба. Заедно со нашите партнери, особено со Јордан, сакаме да учествуваме и во испораката на хуманитарна помош по воздушен пат. Во исто време, хуманитарниот прекин на огнот сега е поитен од кога било, „за заложниците конечно да бидат ослободени од Хамас и повеќе хуманитарна помош да стигне до луѓето“, истакна Бербок.
Градот Газа и околните области на северот на енклавата беа првите цели на израелската воздушна, морска и копнена офанзива, започната како одговор на нападот на Хамас, којшто САД и Европската Унија го сметаат за терористичка организација, на 7 октомври.