Европска директива за заштита на новинари од Слап тужби

Илустрација Европски Парламент

Европратениците на 29 февруари усвоија Директива која ги штити новинарите, активистите и нивните организации од стратешки тужби против јавното учество (Слап тужби), чија цел е да се намали слободата на говорот.

Целта на оваа одлука на Европскиот парламент е да ги обезбеди поединците и организациите кои работат на прашања од јавен интерес, како што се основните права, обвинувањата за корупција, заштитата на демократијата или борбата против дезинформациите, да добијат заштита на ЕУ од неосновани и вознемирувачки тужби, се вели во соопштението на Парламентот.

За директиватата, која претходно беше договорена со Европскиот совет, гласаа 546 европратеници, 47 беа против и 31 воздржан, а ќе стапи на сила 20 дена по објавувањето во Службениот весник на Европската Унија.

Видете и ова: Фридом Хаус: Војните и изборните манипулации ги поткопуваат слободите ширум светот


Заштитни мерки ќе се применуваат за сите прекугранични случаи, освен кога и обвинетиот и тужителот се од иста земја на ЕУ како и судот, или кога случајот е релевантен само за една земја-членка.

Со директивата се обезбедува заштита на жртвите на Слап тужбите со предвремено отфрлување доколку случајот е неоснован и можноста да се бара од тужителот да ги плати проценетите трошоци на постапката.

Судот може да ги казни подносителите на барањата за тужба, кои често се политичари, корпорации или лоби групи, со налог кој ги обврзува да платат отштета нанесена на обвинетиот.