Средба Пендаровски - Зеленски: Северна Македонија ја поддржува Украина за членство во ЕУ и НАТО

Володомир Зеленски, Стево Пендаровски и Еди Рама во Тирана, 28 феврауари 2024 година

Последниот развој на случувањата во Украина и можностите за продлабочување на соработката во насока на поддршка на украинскиот народ и враќање на територијалниот интегритет на Украина во рамки на нејзините меѓународно признаени граници биле тема на разговор на денешната средба на претседателот Стево Пендаровски со неговиот украински колега, Володимир Зеленски во рамки на самиот Украина - Југоисточна Европа во Тирана.

Како што соопштија од кабинетот на претседателот, Пендаровски на средбата го реафирмирал ставот дека Северна Македонија од самиот почеток силно ја осудува агресијата на Русија врз Украина.

Видете и ова: Зеленски во Тирана, Албанија поготвена за самитот за Украина

Како што се наведува во соопштението, претседателот Пендаровски навел дека Северна Македонија се приклучила на Кримската платформа, ја усвоила Декларацијата за осуда на воените напади против територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и се приклучила на Заедничката декларација на Г-7 за поддршка на Украина, на Меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и го поддржала формирањето на Специјалниот трибунал, кој ќе ги истражува и гони злосторствата на агресија извршени од Русија.

„Претседателот ја поздрави одлуката на Европскиот совет за отворање на преговори за членство на Украина во ЕУ и истакна дека Северна Македонија, како земја-членка на НАТО, останува посветена на политиката на отворени врати и ја поддржува апликацијата на Украина за членство во Алијансата“, стои во соопштението.

Украинскиот претседател Зеленски, како што се посочува во соопштението, изразил благодарност за цврстата позиција и севкупната поддршка што Украина ја добива од Северна Македонија.

Видете и ова: Зеленски од Тирана: Русија ќе стори сè да го дестабилизира Балканот

На денешниот самит во Тирана, кој се одржа на покана на албанскиот премиер Еди Рама, присуствуваше и претседателот на Украина, Володимир Зеленски, заедно со уште неколку лидери на Југоисточна Европа.