„Целосна поддршка за Украина слободно да го избере патот по кој ќе чекори во иднина. Ако тој пат значи волја и подготвеност за интеграција на земјата и во Европската Унија и во НАТО, тогаш ние, без двоумење, мора да го подржиме изборот на Украина“, напиша претседателот на државата Стево Пендаровски на својот профил на Фејсбук.
Тој денеска (28 февруари) престојува во работна посета на Тирана, Република Албанија, каде што учествува на Самитот Украина – Југоисточна Европа.
Пендаровски, како што соопшти неговиот кабинет, ќе се обрати на пленарната сесија на Самитот, а ќе оствари и билатерална средба со претседателот на Украина, Володимир Зеленски.
На Самитот Украина - Југоисточна Европа во Тирана, на кој домаќин е албанскиот премиер Еди Рама, а ко-домаќин е украинскиот претседател Володимир Зеленски, своето учество го потврдија претседателите на Република Србија и на Црна Гора, Александар Вучиќ и Јаков Милатовиќ, претседателките на Република Косово и на Република Молдавија, Вјоса Османи Садриу и Маја Санду, премиерот на Република Хрватска, Андреј Пленковиќ, како и претседавачот со Советот на министри на Босна и Херцеговина, Борјана Кришто.
Видете и ова: Зеленски во Тирана, Албанија поготвена за самитот за УкраинаТирана е под силни безбедносни мерки. За самитот се ангажирани речиси 1600 полицајци, вклучително и интервентни тимови и антитерористичката служба, уште 400 припадници на гардата ќе бидат во состојба на готовност, а антиексплозивни групи ја следат ситуацијата.
По самитот на Украина и Југоисточна Европа, в четврток ќе се одржи самитот на Западен Балкан, на кој ќе се разговара за Планот за раст на тој регион. Се очекува и доаѓањето на претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен.