Министерството за економија нема да ја продолжи мерката за гарантирани цени која завршува на крајот на месецов, туку, како што најавува ресорниот министер Крешник Бектеши, ќе го чека носењето на законот за забрана на нефер трговски практики со кој, според него, ќе се стави ред во нелојалната конкуренција во трговијата и ќе доведе до намалување на цените на прехранбените производи.
„Очекуваме ова законско решение, кое е целосно усогласено со европската регулатива и е со европско знаменце, да биде усвоено во најкраток можен рок. Со законот очекуваме да се намалат цените на прехранбените и земјоделските производи“, изјави Бектеши за МИА.
Законот за забрана на нефер трговски практики во синџирот на снабдување на земјоделски и прехранбени производи, како што кажа, уште во декември 2023 година, на предлог на Министерството за економија беше усвоен од Владата и доставен до Собранието.
Видете и ова: „Гарантирани цени“ до крајот на годината, дозволени се акции и промоцииБектеши вели дека законското решение со кое се става ред во нелојалната конкуренција во трговијата и се воведуваат фер практики помеѓу трговците и добавувачите во синџирот со земјоделски и прехранбени производи, се очекува оваа недела да влезе во второ читање во комисиите во Собранието.
Министерството за економија лани на 20 септември донесе Одлука за изменување на одлуката за посебни услови за трговија на одделни стоки, определување на највисоки цени на одделни производи во трговијата на мало, како и обврска трговците да прибавуваат и продаваат определени видови и количество на одделни стоки на потрошувачите, според определен редослед која важи до 29 февруари годинава.
Мерката ги опфаќаше оризот, брашното, лебот, јацата, месото, тестенините и други производи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Цените на прехранбените производи - еден чекор назад, неколку чекори напред
Покрај тоа, беше донесена и одлука за изменување на одлуката за определување на највисоки цени за одделни производи во трговијата на големо и трговијата на мало што, исто така, важи до 29 февруари годинава и се однесува на газирани и негазирани пијалаци.
Министерството за економија донесе и одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свеж зеленчук што важи до 28 февруари годинава според која применливата царина е 10 отсто за кромид, праз, карфиол и брокула, салата, моркови, модар патлиџан и тиквици, како и одлука за намалување на увозните давачки за увоз на свежи домати, краставици и пиперки што исто така важи до 28 февруари годинава и за кои применливата царина е 10 отсто. Со земјите од ЦЕФТА, пак, нема царина.