Соработничка на покојниот Алексеј Навални тврди дека размената на затвореници, во која требало да биде вклучен рускиот опозициски лидер, била во завршна фаза пред тој да умре во оддалечен сибирски затвор.
Марија Певчик, претседателка на Фондацијата за борба против корупцијата на Навални, во видео изјава на Јутјуб на 26 февруари рече дека соработниците на Навални работеле две години за да ги убедат западните официјални лица да преговараат за договор што ќе ги вклучи критичарот на Кремљ и двајца американски државјани држени во руски затвори во замена за Вадим Красиков.
Красиков е поранешен полковник во руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), кој беше осуден за атентат на поранешен чеченски борец во Берлин во 2019 година.
Певчик не ги именуваше двајцата државјани на САД кои би биле вклучени во размената. Во руските затвори моментално се наоѓаат неколку Американци, меѓу кои и поранешниот маринец Пол Вилан, новинарот на Волстрит журнал Еван Гершкович и новинарката на РСЕ, Алсу Курмашева. Навални би бил вклучен во договорот како дел од „хуманитарната размена“.
Видете и ова:
Русија приведе десетици поддржувачи на Навални и противници на војната„На почетокот на февруари, на Путин му беше понудено да го замени убиецот на ФСБ, Вадим Красиков, кој одлежува казна за убиство во Берлин, за двајца американски државјани и Алексеј Навални. Вечерта на 15 февруари добив потврда дека преговорите се во завршна фаза. На 16 февруари Алексеј беше убиен“, рече Певчик.
„Алексеј Навални можеше да седи овде сега, денес. Тоа не е стилска фигура“, додаде таа.
Изјавите на Певчик допрва треба да бидат потврдени или отфрлени од други извори.
Запрашана на редовната прес-конференција во Берлин на 26 февруари за извештајот, портпаролката на германската влада Кристијане Хофман рече дека не може да коментира.
Претходно овој месец, Путин му рече на американскиот коментатор Такер Карлсон дека „може да се постигне договор“ за ослободување на Гершкович, кој беше уапсен во март 2023 година во Русија под обвинение за шпионажа што тој, неговиот работодавец и американската влада ги отфрлија како неосновани.
Путин посочи дека тој може да биде дел од размена за „патриотски“ руски државјанин кој моментално отслужува доживотна затворска казна за убиство во Германија--очигледно мислејќи на Красиков.
Волстрит журнал цитираше тогашни западни функционери дека Путин сакал Красиков да биде ослободен во замена за американските затвореници, вклучително и Гершкович и оти Красиков е централен за секој договор.
Во нејзиното видео, Певчик тврди дека Путин „не би толерирал“ Навални да биде ослободен и наместо да го вклучи во размена, рускиот лидер решил да се „ослободи од преговарачкиот адут“.
Таа не понуди докази за да го поткрепи нејзиното тврдење.
Таа, исто така, рече дека рускиот милијардер Роман Абрамович дејствувал како „неформален преговарач“ меѓу Кремљ и американските и европските претставници.
„Го прашав Роман Абрамович преку заеднички познаници како, кога и под кои околности го направил тоа и што рекол Путин. За жал, Абрамович не одговори на овие прашања, но ниту тој не негираше ништо“, рече Певчик.
Ниту Абрамович ниту Кремљ засега не ги коментираа ваквите тврдења.
Телото на Навални беше предадено на неговото семејство во текот на викендот, една недела откако неговата смрт беше објавена од страна на управата на таканаречениот затвор „Поларен волк“ каде што тој отслужуваше 19-годишна казна поради екстремизам и други обвиненија кои тој и неговите приврзаниците ги отфрлија како политички мотивирани.
Причината за неговата смрт не е наведена.
Видете и ова:
Немцова -Путин се плаши од мртвиот Навлани како што се плашеше и од живиотМајката на Навални ги обвини руските власти дека и вршеле притисок да има таен погреб за нејзиниот син со цел да се избегне масовен излив на поддршка за еден од најгласните критичари на Путин.
„Погребот сè уште се чека. Не знаеме дали властите ќе се мешаат да се изврши погребот како што сака семејството и како што заслужува Алексеј. Ќе ве информираме штом има вести“, рече неговата портпаролка Кира Јармиш на платформата Икс (поранешен Твитер) на 24 февруари.
Во објава на 26 февруари таа додаде дека „бараме сала за јавно збогување со Алексеј. Време: крај на оваа работна недела“.
Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, на 26 февруари рече дека е „апсурдно“ да се тврди дека врз семејството на Навални се врши притисок.