Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“ на 26 февруари објави дека од почетокот на годинава во Србија се регистрирани 19 потврдени случаи на мали сипаници (морбили), меѓу кои и 13 месечно бебе.
Според податоците на Институтот „Батут“, најмногу заболени има во Белград, каде се регистрирани 16 случаи.
„Меѓу заболените има шест деца на возраст од три до пет години, од кои пет биле невакцинирани, како и шест лица над 40 години со непознат статус на вакцинација. Кај тројца од пациентите имало компликации во форма на пневмонија“, наведоа од Институтот за јавно здравје на Србија.
Инаку, првиот потврден случај во Србија беше регистриран на 6 февруари.
Видете и ова: Зошто се враќа големата кашлица?Од Институтот „Батут“ претходно за Радио Слободна Европа изјавија дека во Србија не се вакцинирале доволно деца против сипаници за да се создаде колективен имунитет, па постои можност да дојде до избувнување на оваа заразна болест, која се сметаше за искоренета.
За колективен имунитет, неопходно е опфатот со вакцинација да биде најмалку 95 проценти. Инаку, во Србија вакцината против сипаници се дава во две дози - во втора година од животот и во седма година, пред детето да тргне на училиште.