Данска објави дека се откажала од истрагата за експлозиите во 2022 година на гасоводот „Северен тек“ што носи руски гас до Германија. Претходно, на 7 февруари, Шведска објави дека ја завршила истрагата за експлозиите, наведувајќи го како причина прашањето околу јурисдикцијата.
Цевководите „Северен тек 1 и 2“ вредни повеќе милијарди долари кои транспортираат гас под Балтичкото Море беа оштетени од серија експлозии во шведската и данската економска зона во септември 2022 година.
„Истрагата ги доведе властите до заклучок дека имало намерна саботажа на гасоводот. Сепак, оценката е дека нема доволно основи за покренување кривична постапка во Данска“, се вели во соопштението на полицијата во Копенхаген.
Русија и Западот вперуваат прсти еден кон друг поради експлозиите на гасоводот, но двете страни негираат вмешаност и никој не ја презеде одговорноста.
Шведска се откажа од истрагата за експлозиите претходно овој месец, велејќи дека нема јурисдикција во случајот, но им го предала материјалот на германските инспектори, кои допрва треба да ги објават своите наоди.
Данската полиција соопшти дека соработувала со релевантни странски партнери и дека спроведената истрага била „и сложена и сеопфатна“. Оттаму претходно објавија дека гасоводите биле погодени од силни експлозии, додека шведските истражители потврдија дека трагите од експлозивот пронајден на местото укажуваат дека се случила саботажа.
Видете и ова:
Украина тврди дека не е вклучена во нападите на „Северен тек“Минатата година Германија му соопшти на Советот за безбедност на ОН дека пронашла траги од подморски експлозив на едрилица што можеби се користела за транспорт на експлозивот и дека обучени нуркачи можеби го прикачиле експлозивот на гасоводите.
Портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков силно го критикуваше затворањето на истрагата на Данска за саботажата на гасоводот Северен тек што ги поврзува Русија и Германија во 2022 година.
„Ситуацијата е блиску до апсурдна. Од една страна, тие препознаваат дека имало намерна саботажа, но од друга страна, не одат напред“, изјави Песков за новинарите.
Видете и ова:
Шведските инспектори пронашле траги од експлозив на цевководите „Северен тек“Русија ги обвини САД, Велика Британија и Украина за експлозиите, кои во голема мера го исклучија рускиот гас од профитабилниот европски пазар. Тие земји негираа вмешаност.
Некои западни претставници рекоа дека руските поморски бродови биле во областа во моментот на експлозиите, но други рекоа дека нема цврсти докази за вмешаност на Москва.