Белгиските земјоделци го блокираа Брисел, грчките преминот Богородица

илустрација

Неколку стотици белгиски земјоделци со своите трактори од утрово ги блокираа улиците во т.н. „европски кварт“ на Брисел, каде се сместени институциите на ЕУ, предвидувајќи проблеми и застои во сообраќајот, а дел од нив го запоседнаа и централниот бриселски плоштад Гран Плаз.

Протестот го организираат земјоделски здруженија од јужна Белгија кои најавија дека главниот собир ќе се одржи на плоштадот Шуман, близу зградите на институциите на ЕУ, каде во исто време се одржува заседанието на министерскиот Совет за земјоделство и рибарство на ЕУ на кој главна тема е „потребата од итен и системски одговор на актуелните состојби во земјоделскиот сектор“.

Портпаролката на бриселската полиција Илзе ван де Кере за „Брисел Тајмс“ изјави дека улиците во „европскиот кварт“ веќе се блокирани со околу 300 трактори, а поголем број земјоделски возила се „паркирани“ и на главниот булевар што води кон плоштадот Шуман.

Според неа, регистрирани се и неколку фрлени димни бомби, но состојбата е мирна и нема никакви проблеми или инциденти, освен што е бучно бидејќи земјоделците трубат со сирените на своите трактори.

Полиција уште синоќа предупреди дека блокадите би можеле да траат до доцните попладневни часови и им препорача на жителите на Брисел да не се движат со своите возила во правец на „европски кварт“ на градот и наместо тоа да го користат јавниот превоз.

Бриселското јавно сообраќајно претпријатија СТИБ, меѓутоа, соопшти дека поради протестите, во прекин се неколку трамвајски и автобуски линии, а затворени ќе бидат и двете метро станици во „европскиот кварт“.

Блокада на преминот Богородица од 12 до 16 часот

И грчките земјоделци од северниот дел на земјата денеска го блокираат преминот Евзони (Богородица) кон Северна Македонија за патничкиот и товарниот сообраќај.

На останатите гранични премини Дојран-Дојрани и Меџитлија-Ники преминувањето е нормално и засега нема најави за блокади на тие гранични премини.

На ГП Евзони ќе се одржи земјоделски собир што ќе започне околу 12 часот по македонско време и во периодот додека трае протестот ќе биде блокиран сообраќајот.