Израел разговара за следните чекори во разговорите за примирје

Премиерот на Израел Бенјамин Нетанјаху

Воениот кабинет на Израел разговараше за следните чекори за преговори кон договор за заложници и прекин на огнот во војната со Хамас, во време загриженоста се продлабочува поради сè поочајната ситуација со која се соочуваат цивилите во разурнатиот Појас Газа.

Израелската делегација која вчера беше во Париз на нови разговори за договорот за заложници ноќта се вратила во Израел за да го информира воениот кабинет на земјата, соопштуваат и властите и локалните медиуми. Локалните медиуми подоцна објавија дека средбата завршила со тоа што владата се согласила да испрати делегација во Катар во наредните денови за продолжување на разговорите.

На разговорите зад затворени врати во Париз беа вклучени и египетските и катарските посредници, кои се надеваат дека ќе ги надминат преостанатите разлики.

Советникот за национална безбедност на Израел, Цачи Ханегби, рече дека „веројатно има простор да се придвижи кон договор“.

Медиумските извештаи сугерираат дека двете страни размислуваат за шестнеделен прекин на борбите и првична размена на десетици жени, малолетни и болни заложници за неколку стотици палестински затвореници.
Хамас досега, исто така, инсистираше на целосно повлекување на израелските сили од Газа, барање што Нетанјаху го отфрли како „заблуда“.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека ќе го свика кабинетот на почетокот на неделата „за да ги одобри оперативните планови за акција во Рафа, вклучително и евакуација на цивилното население од таму“.

Видете и ова: Многу убиени во текот на ноќта во Газа, додека израелски преговарачи се во Париз


„Само комбинација од воен притисок и цврсти преговори ќе доведат до ослободување на нашите заложници, елиминација на Хамас и постигнување на сите цели на војната“, додаде тој.

Војната започна кога Хамас започна напад на 7 октомври, што резултираше со смрт на околу 1160 луѓе во Израел, повеќето од нив цивили, според официјалните израелски податоци. Според Израел, милитантите на Хамас зеле околу 250 заложници, вклучително и 30 мртви.

Во израелската кампања на одмазда загинаа најмалку 29.606 луѓе, претежно жени и деца, според најновото пребројување на Министерството за здравство на територијата кое го води Хамас.