Независниот полициски синдикат бара политиката и политичките кампањи да се реализираат надвор од институциите, а работниците да не се злоупотребуваат за политички цели. Синдикатот реагира по вчерашната ненајавена посета на техничкиот премиер Талат Џафери на СВР Тетово. Реагираат, оти, како што велат, техничкиот премиер, неовластено упаднал и неовластено снимал вработени кои ги извршуваа своите работни задачи.
Од Синдикатот бараат министерот и дополнителниот заменик министер за внатрешни работи да застанат во одбрана на работниците.
„Да реагираат и да ги спречат притисоците врз нив, како би ги покажале на дело декларативните заложби на кои укажаа уште првиот ден од техничката Влада“, рече претседателот на Синдикатот Гоце Делчев.
Техничкиот премиер вчера беше во ненајавена посета на СВР Тетово, а во изјава за медиумите рече дека констатирал оти во СВР Тетово недостига организација во извршување на задачите на дневна основа. Тој им порача на институциите да не се изненадуваат ако ненајавено ги посети за да провери како работат.
Видете и ова: Премиерот Џафери ќе ги посети и Штип и Виница, ако го поканатПремиерот вели не е во негова надлежност да бара одговорност од вработените, но дека ќе побара одговор од надлежните министри и заменици министри.
Од посетата беше објавено и видео на кое може да се види како премиерот ги прашува колку луѓе работат во канцеларија, а потоа им вели на тие што не работат во неа да ја напуштат. Тој ги прекорува, им бара документи, ги испрашува со построг глас.
Собранието на 28 јануари избра техничка Влада, на чело со Џафери, која треба да ја води државата 100 дена до изборите – претседателски и парламентарни, кои треба да се одржат во мај.