Талибанците јавно егзекутираа две лица за убиство

Талибански војник

Талибанските власти објавија дека две лица биле јавно егзекутирани на 22 февруари на фудбалски стадион во југоисточниот авганистански град Газни за убиствата што ги извршиле.

Врховниот суд на Талибанците соопшти дека егзекуцијата на двајцата била наредена од три суда и од врховниот водач на Талибанците, Мула Хаибатула Ахунџад. Тие ги идентификуваа погубените како Сајед Џамал од централната провинција Вардак и Ѓул Кан од Газни, пишува АФП.

На сведоците им беше наредено да не ги снимаат егзекуциите.

Првата потврдена јавна егзекуција се случи во декември 2022 година во провинцијата Фарах, по враќањето на Талибанците на власт во август 2021 година. Во јуни 2023 година, Талибанците јавно егзекутираа лице за убиство на пет лица во провинцијата Лагман.

Видете и ова: Талибанскиот е најрепресивниот режим за жените во светот

Во четвртокот, 22 февруари, жителите се собраа пред стадионот во областа Али Лала во градот Газни, искачувајќи се преку оградата за да влезат, а верските научници ги молеа роднините на жртвите да им простат на осудените, што тие го одбија.

Абу Абу Ка Сархади, портпарол на полицијата во Газни, рече дека роднините на жртвите ги егзекутирале двајцата мажи. Итната помош потоа ги однела нивните тела, пренесе АФП.

Обединетите Нации силно ги критикуваа Талибанците за извршување на јавни егзекуции, камшикувања и каменувања, откако ја презедоа власта и ги повикаа владетелите на земјата да престанат со таквите практики.

За време на претходното владеење со Авганистан во доцните 1990-ти, Талибанците редовно извршуваа јавни егзекуции, камшикувања и каменувања.