Шефот на дипломатијата Бујар Османи смета дека министерот за внатрешни работи Панче Тошковски погрешно го интерпретира ставот на Европската комисија за тоа дали во ЕУ ќе се признаваат пасошите со старото уставно име.
Тошковски на 21 февруари изјави дека добил допис од Брисел оти Комитетот за патни исправи на Европската Комисија одржал состанок и оти ЕУ нема да прави проблем доколку граѓаните на Северна Македонија треба да патуваат со пасош со старото уставно име. Ќе имаат разбирање за проблемот, рече Тошковски, и ќе бидат максимално коректни и воздржани во однос на нашите граѓани.
„Тоа е лошо интерпретирање. Ставот на ЕК е дека Комисијата не носи одлука која важи за целата ЕУ туку тоа е суверено прашање на секоја од државите … Во однос на ова прашање земјите сами одлучуваат и досега повеќето земји практично се уште дозволуваат граѓаните да се движат, но немаат официјален став“, изјави Османи.
Видете и ова: Тошковски: ЕУ нема да прави проблем за пасошите со старото уставно имеШефот на дипломатијата посочи дека официјален допис добиле само од две држави. Едната е Швајцарија која известила дека ќе дозволува движење со пасошите со старото уставно име. Другата е Босна и Херцеговина која информирала оти нема да ги признава ниту пасошите ниту личните карти со старото име.
Во пракса, пак, посочува Османи, засега граѓаните немаат проблеми.
„Во главно граѓаните немаат поголеми пречки во однос на враќањето дома. Прво, зашто ние се организиравме во дипломатско-конзуларните претставништва, овозможивме бесплатни патни листови и достава на нив по пошта. Во многу држави и не им ги бараат патните листови. Меѓутоа, бидејќи јас немам добиено официјална нота од државите како се однесуваат по однос на старите пасоши, не можам и официјално да ги известам граѓаните. Меѓутоа, тоа е порака – значи повеќето од државите дозволуваат движење и со старите пасоши“, вели Османи.
Тошковски денеска зборувајќи за дописот од Брисел, уште еднаш повика во Собранието во Северна Македонија да се продолжи важноста на пасошите со старото уставно име до крајот на годината. До тогаш, според него, би можеле да се заменат околу 650 000 пасоши кои се со „Република Македонија“.
Министерот за надворешни работи, пак, смета дека обидите да се прави ваков јавен притисок се нечесни.
„Прво, затоа што член 118 од Уставот вели дека меѓународните договори кои се ратификувани од парламентот се дел од нашиот внатрешен правен поредок и не може да се смени со закон. Преспанскиот договор е на сила и ние го почитуваме и имплементираме“, вели Османи.
Видете и ова: Граѓаните може само да се сликаат, за пасоши ќе почекаатТој повика наместо јавен притисок да се седне на маса и да се направи организација односно да се зборува за снабдување со нови машини за сликање и произведување пасоши, дистрибуција до дипломатско-конзуларните претставништва, МВР да разговара со фирмата за побрза достава на обрасци итн.
Ако се направи тоа, притисокот за нови пасоши, според него, ќе спласне за еден до два месеци.
Обврската за промена на личните документи со новото уставно име произлезе од Преспанскиот договор што Северна Македонија и Грција го потпишаа во 2018 година. Во Договорот од Преспа има „технички“ и „политички преоден период“ за промена на документите. Датумот 12 февруари 2024 како рок произлезе од техничкиот дел со кој државата презеде обврска дека ќе ги промени личните документи со Република Северна Македонија кои се во меѓународна употреба во период од пет години од денот на стапување на сила на договорот (12 февруари 2019).